ЕСЧП пресуди во корист на детето со попреченост, кое беше врзувано за кревет – државата системски потфрлила | Правдико

Правдико

   

ЕСЧП пресуди во корист на детето со попреченост, кое беше врзувано за кревет – државата системски потфрлила

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2015 година, во име на малолетниот Л. Р., лице со повеќекратна попреченост, поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права за нечовечки и понижувачки третман вршен од страна на вработените во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Европскиот суд за човекови права денеска донесе пресуда со која едногласно утврди прекршување на членот 3 од Европската конвенција за човекови права – забрана за нечовечки или понижувачки третман. Оваа одлука претставува и своевиден преседан на прифаќање на апликација во име на малолетно лице со попреченост, без можност да даде согласност да биде застапувано пред Европскиот суд.

Во случајот се работи за осумгодишно дете, кое при посета од страна на народниот правобранител во 2013 година беше најдено врзано за својот кревет во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Случајот беше обелоденет во јавноста во 2014 година за веднаш потоа Л. Р. да биде посетен од страна на претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој иницира постапка пред Јавното обвинителство.

„Л. Р. бил напуштен од своите родители по неговото раѓање во 2004 година и за негов старател бил назначен Центарот за социјални работи, кој спровел негово згрижување во неколку државни институции за социјална грижа. На едногодишна возраст му биле утврдени пречки во развојот, а кога Л. Р. наполнил три и пол години, тим на лекари му дијагностицирал интелектуална и физичка попреченост (церебрална парализа) и пречки во говорот. Врз основа на оваа дијагноза, во 2012 детето било сместено во Заводот за рехабилитација, институција од отворен тип, наменета за лица со физичка попреченост, несоодветна да одговори на потребите на малолетниот Л. Р.. Заводот и пред сместувањето на Л. Р., а и за време на неговиот престој таму, во повеќе наврати реагирал до надлежните дека не може да сместува лица со ментална попреченост бидејќи немаат доволно персонал, а дека постојниот не е квалификуван да комуницира со Л. Р., кој е глув и не може да зборува“, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.

Постапувајќи по случајот, Јавното обвинителство почна истрага врз основа на која било утврдено дека сместувањето на Л. Р. во оваа институција било несоодветно и дека тој повремено бил врзуван за својот кревет со јаже од безбедносни причини, односно за да го спречат да избега и со тоа да се стави себеси во опасност. Но, и покрај утврдените неправилности, Јавното обвинителство не најде основ за кривично обвинение со објаснување дека кај вработените не постоела намера детето да се подложи на нечовечки и понижувачки третман. Ваквата одлука беше обжалена од страна на Хелсиншкиот комитет без позитивен исход и со потврдување на одлуката од страна на Вишото јавно обвинителство.

Европскиот суд одлучи дека во случајот на Л. Р. против Северна Македонија државата потфрлила во спроведувањето соодветна истрага за случајот, системски потфрлила и постапувала спротивно на забраната за нечовечки и нехуман третман. Дополнително, Европскиот суд одлучи дека Северна Македонија треба да му исплати 18.000 евра на апликантот за нематеријална штета и 1.650 евра за трошоци.

„За да можеме да зборуваме за извршување на оваа пресуда, сега од особена важност е државата да му обезбеди соодветна рехабилитација и да осигури дека средствата ќе бидат употребени за негова заштита“, велат од Хелсиншкиот комитет, од каде што велат дека имаат сознанија оти Л. Р. во моментот е сместен во мал групен дом и напоменуваат дека будно ќе го следат извршувањето на пресудата.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико