ЕУ и балканските земји ќе ја зголемат соработката во спроведувањето на законот
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.ЕУ и балканските земји ја зајакнуваат соработката на полициските агенции и судските власти во борбата против организираниот криминал и тероризмот, велат официјалните претставници.
ЕУ додели средства за следните три години за нов проект кој е посветен конкретно на проблемот со организираниот криминал и корупцијата и, исто така, ќе ја зајакне граничната безбедност.
Петте милиони евра одобрени претходно овој месец од страна на Унијата ќе им бидат доделени на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија и Црна Гора.
Средствата ќе бидат искористени за техничка и оперативна помош за заедничките истражни тимови, сведоците, програмите за заштита, новите технологии, правна помош и подобрено пренесување на информациите, заштита на податоците и екстрадициите.
Четири регионални канцеларии ќе бидат отворени како дел од проектот, од кои едната ќе биде во Скопје, Македонија, рече македонскиот министер за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
„Проектот ќе биде од корист не само за државите од регионот, туку и за земјите-членки на ЕУ“, рече Јанкуловска за SETimes.
Експертите велат дека проектот ќе ги подобри капацитетите на земјите за спроведување заеднички истраги и навремена размена на информации за кривичните гонења.
„Еден од главните предизвици е транснационалната природа на многу организирани криминални групи. Со цел ефикасно испитување и гонење на истите, неопходно е зајакнување на постојните прекугранични мрежи за спроведување на законот. Крајниот резултат ќе биде значително намалување на нелегалниот шверц, кој честопати се користи од страна на екстремистите, па дури и терористичките организации“, рече за SETmes Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.
Италијанското Министерство за внатрешни работи ќе биде задолжено за спроведување на проектот. Агенциите за спроведување на законот и развој од Грција, Полска, Австрија, Шпанија, Германија и Велика Британија ќе им помагаат на балканските земји.
Албанскиот министер за внатрешни работи, Саимир Тахири, предложи формирање заеднички одбор на техничари кои ќе ги координираат оперативните прашања.
„Соработката меѓу нас е многу важна за размена на информации за нашите остварувања, но и за да учиме од меѓусебните грешки“, рече Тахири. „Кога станува збор за тероризмот, ние се соочуваме со заеднички предизвици. Тероризмот е регионален и глобален предизвик и нашиот успех зависи од соработката.“
Извештаите на ЕУ за напредокот во пристапувањето посочуваат дека земјите во регионот мора да ја зголемат употребата на специјалните истражни техники и финансиските истраги. Но, во некои земји ЕУ побара овие мерки да бидат придружени од проширени полициски реформи.
Според најновиот извештај на ЕУ за напредокот на Албанија, земјата мора да ги подобри механизмите за борба против организираниот криминал, да ја зголеми соработката меѓу владините агенции – особено меѓу судството и полицијата – да ја зајакне координацијата во собирањето разузнавачки податоци и процесуирање на податоците, и да ги зголеми специјалните истражни мерки.
ЕУ истакна дека албанската гранична и миграциска полиција има ограничен пристап до МЕМЕКС софтверскиот систем за криминалистичко разузнавање. Истата препорача понатамошно развивање на овој систем на граничните премини со цел да се овозможи разузнавачкa контрола и капацитет за проценка на опасностите.
„За да се достигнат високите нивоа на безбедност на ЕУ не е доволно да се има посветеноста на земјата, туку е потребна и регионална соработка. Оваа иницијатива ќе ја зајакне координацијата меѓу земјите и ќе го направи регионот, имено Европа, побезбеден и посигурен“, рече за SETimes Хасан Челибаши, експерт во Центарот за безбедност и посветеност во Тирана.
Експертите велат дека бенефитите што дополнително се очекуваат во рамките на проектот вклучуваат практична обука и работилници за зголемување на соработката меѓу надлежните служби за безбедност и создавање подобра правна, регулаторна и оперативна рамка.
Проектот е важен за Балканот бидејќи ќе го зајакне капацитетот на агенциите за спроведување на законот да обезбедат сигурни докази за следење на сомнителните трансакции преку границите, рече Душко Стојановски, професор на Американ колеџ во Скопје.
„Вообичаените стандардни оперативни процедури меѓу полицијата и обвинителството мора да се развијат со цел понатамошно јакнење на соработката и довербата меѓу нив. Оперативните капацитети на форензичките лаборатории, тајната полиција и службите за заштита на сведоците мора да добијат поголема поддршка“, рече Стојановски за SETimes.
Стојановски рече дека постојат суштински разлики меѓу казнените системи на земјите-членки на ЕУ и оние во регионот, што ја прави борбата против организираниот криминал помалку ефикасна.
„Прекуграничната и меѓународната соработка ќе биде посебно од корист за земјите што немаат доволно легислатива, функционална административна структура за спроведување на законот, како и оперативни капацитети за спроведување прекугранични гонења и истраги“, рече Стојановски.
Извор: SETimes