Eу не ги спаси бугарија и хрватска од иселувања | Правдико

Правдико

   

Eу не ги спаси Бугарија и Хрватска од иселувања

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Членството во ЕУ не е гаранција дека граѓаните на земјата која влегува во Унијата ќе живеат подобро и дека среќата нема да ја бараат надвор од границите на државата. Дел од оние што заминуваат, во странство остануваат привремено, но голем дел ја напуштаат земјата засекогаш.

img_606X341_EU-borders-schengen-europa-0405

Податоците од германската Федерална статистичка служба покажуваат дека во периодот од 2006 до крајот на 2013 година голем пораст на бројот на државјанства што ги добиле граѓаните од новите земји-членки, и тоа со влегувањето во Унијата. 

Наспроти овие примери е Турција, кај која е забележан пад на бројот на Турците кои добиле германски државјанства, а меѓу другото, една од причините е големиот економски раст во последните 10-15 години кој ја направи земјата атрактивна за младите, па наместо да заминуваат во странство, голем дел од нив мигрираат во големите градови во Турција, пред с` во Истанбул.

Во случајот со Хрватска, на пример, која стана членка на Унијата лани, за една година, од 2012 до 2013 година бројот на хрватски граѓани кои добиле германски државјанства се зголемил од 544 на 1.721 што е најголем едногодишен скок кај некоја од земјите. Претходните години овој број бил речиси трипати помал и во 2009, 542 Хрвати станале германски државјани, во 2010, 689, а во 2011, 665.

Сличен е трендот и кај Бугарија од каде што во 2006 година, пред влегувањето на земјата во Унијата 409 лица добиле германско државјанство, а тој број секоја година се зголемува, па лани достигнал 1.790.

Ситуацијата посериозна

Бројката, според бугарски експерти, можеби и не е голема, но ако се земе предвид колку луѓе од земјата заминуваат привремено, ситуацијата е многу посериозна отколку што се добиените државјанства.

– Тенденцијата е да се иселуваат уште повеќе, без оглед дали некој од нив зема странско државјанство или не – вели Антонина Желаскова од бугарскиот Центар за етнички прашања.

Според неа, стотици илјади Бугари мигрираат во Европа или во Америка, а никој не ја знае точната бројка на Бугарите кои заминуваат секој месец. Додека Бугарија не беше членка на ЕУ, Бугарите заминуваа со туристички визи, па нелегално остануваа во странство, а сега, според неа, иако земјата е членка на ЕУ, ситуацијата не е ништо подобра, само што луѓето заминуваат легално, искористувајќи го правото на слободно движење.

– Ако се подобрат условите во Бугарија, некои од нив можеби ќе се вратат без оглед дали зеле нечие државјанство или не – додава Желаскова.

Поранешниот дипломат Љубомир Kјучуков смета дека тоа е стандардна појава што ја имало во сите земји што станувале членки на Унијата.

– Генерално, условите се подобри во старите земји-членки и таквиот тренд на заминување ќе трае додека не се воспостави некаква рамнотежа – вели Kјучуков.

Турците најбројни „нови“ Германци

Повеќе од 100 илјади странци лани добиле германско државјанство, а најголемо зголемување на бројот на натурализирани Германци имало од Италија и од Украина. Исто така забележан е пораст и на бројот на Британци и Американци кои станале германски државјани.

Сепак, Турците остануваат најбројни „нови“ Германци, иако нивниот број последните години опаѓа. Според статистичките податоци, лани германско државјанство добиле 28 илјади Турци, што е пад од 16 отсто во однос на претходната година. Kолку за споредба, пак, во 1999 година нивниот број бил дури 100 илјади.

Од другите странци кои влегуваат во таа бројка од 100 илјади натурализирани Германци, најбројни се Полјаците – 5.466, Украинците – 4.539 и Грците – 3.498.

Притоа, Северна Рајна-Вестфалија останала главна дестинација на натурализираните Германци и таму лани се доселиле 30.000 „нови“ Германци. Во северна и источна Германија се населувале главно Полјаци, а граѓаните од поранешните југословенски републики го избрале југозападниот дел од Германија.

Што се однесува до намалувањето на бројот на натурализација на Турците, една од причините е германскиот закон за имиграција, вклучувајќи ги и јазичните тестови кој за многумина се проблем, како и бирократските пречки.

Жана П. Божиновска

СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА НАТУРАЛИЗИРАНИ ГЕРМАНЦИ ОД МАКЕДОНИЈА

Во случајот со Македонија, германските статистички податоци покажуваат дека бројот на македонските граѓани кои добивале германски државјанства од 2006 година наваму се намалува. Така, од 1.106 лица лани стигнал до 862.

Слична е ситуацијата и со Албанија, од каде што бројот на Албанци кои добиле германски државјанства во 2006, 560, лани се намалил на 274.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико