ЕУ очекува итна консултација кај Иванов и да се формира „што е можно поширока влада“ | Правдико

Правдико

   

ЕУ очекува итна консултација кај Иванов и да се формира „што е можно поширока влада“

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Откако мандатарот Никола Груевски не успеа да состави влада во дозволениот рок, од Европската унија велат дека сега очекуваат претседателот Ѓорге Иванов да изврши итна консултација со политичките сили во земјата и да определи лидер за формирање на „што е можно поширока влада“.

Како што рече во понеделник на прес-конференција во Европската комисија портпаролката на неформалната Влада на ЕУ, Маја Коцијанчич, „земјата нема време за губење“.

„Ние забележавме дека се уште не е постигнат договор за формирање нова Влада и затоа ги повикуваме сите политички актери во земјата, вклучително и претседателот, да делуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Знаете дека земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање на Влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и одговорна коалиција“, истакна Коцијанчич.

Коцијанчич појасни уште еднаш дека ЕУ очекува што поширока коалиција и да се потпира на силен, инклузивен реформски консензус и меѓуетничка соработка.

„А, како што добро знаете, ние очекуваме од идната Влада и од сите политички сили во земјата да продолжат со имплементирање на договорот од Пржино и решавање на Итните реформски приоритети, бидејќи сето ова е витално за понатамошен прогрес на земјата на патот кон европските интеграции и ова е нешто на што сите политички партии се обврзаа, а и истото го очекуваат и граѓаните“, додаде Маја Коцијанчич.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико