ЕУ: Очекуваме соработка со силен Парламент и стабилна Влада | Правдико

Правдико

   

ЕУ: Очекуваме соработка со силен Парламент и стабилна Влада

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европската унија денеска ги пофали и им честиташе на македонските граѓани за остварувањето на гласачкото право на предвремените парламентарни избори, нагласувајќи дека со нетрпение очекува да работи со силен Парламент и со стабилна коалициска Влада.

Во писменото соопштение, ЕУ ги нотира забелешките на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот процес, со надеж дека за брзо време ќе бидат спроведени препораките што ги дала оваа организација.

„Според првичните сознанија и заклучоци на меѓународните набудувачи од Кабинетот на ОБСЕ/ОДИХР, изборите генерално се одвиваа добро прилагодени на пандемијата, но била нарушена правната стабилност со значителни ревизии на законската рамка и последователните владини уредби. Откако ОБСЕ/ОДИХР ги даде своите препораки за идните избори, Европската унија очекува сите политички чинители, релевантни институции и засегнати страни да продолжат да работат заедно за да ги спроведат тие препораки многу пред следните избори. Со нетрпение очекуваме да работиме со силен Парламент и стабилна коалициска Влада која треба да ја испорача стратешката цел на земјата за интеграција во ЕУ и да одговори на очекувањата на граѓаните. Ние сме посветени да продолжиме заеднички да реагираме на пандемијата со Ковид-19 и последиците од неа“, се вели во соопштението од ЕУ.

Од Унијата потенцираат дека очекуваат властите да продолжат да ги исполнуваат обврските на земјата во ЕУ и да го одржат и забрзаат спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и да ги зајакнуваат добрососедските односи.

„Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и со нетрпение очекува што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција“, стои во реакцијата на ЕУ по предвремените парламентарни избори во Северна Македонија.

Извор: Радио Слободна Европа

Партнери на Правдико