Европа годинава ја очекува политички земјотрес
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Популистичките партии првпат во историјата врз основа на сегашната „атрактивност“ би можеле да победат на изборите во своите земји и со тоа да ги натераат умерените партии на коалиција со нив, нешто што претходно било незамисливо, оценува „Економист“.
Изборни предвидувања за 2015 година на британски „Економист“
Подемот на популистичките партии низ Европа и нивната можна победа на претстојните избори, закажани во повеќе земји-членки на ЕУ за годинава, како и неприродното постизборно коалицирање со умерените партии, би можеле да предизвикаат „политички земјотрес“ со висок интензитет, шок што лесно би можел да ја дестабилизира цела Европа во 2015 година. Вака изгледаат прогнозите на престижниот британски магазин „Економист“ за годинешниве изборни циклуси во повеќето земји-членки на ЕУ, јавува Би-би-си.
Според анализата на магазинот, клучен феномен за ваквиот фактор е последователниот слаб одѕив на изборите во границите на ЕУ, но и драстичниот пад на бројот на членовите во однос на традиционалните прашања.
Според „Економист“, популистичките партии низ Европа првпат во историјата врз основа на нивната моментна „атрактивност“ би можеле да победат на изборите во своите земји и со тоа да ги натераат умерените партии на коалиција со нив, нешто што претходно било незамисливо. Во анализата понатаму се оценува дека сегашната европската криза на демократија е јаз меѓу елитата и гласачите.
– Во срцето на европската политика се наоѓа огромна дупка на местото каде што би требало да има големи идеи – заклучува „Економист“.
Според весникот, оваа година најмалку осум земји-членки на ЕУ ќе гласаат за избор на претставници во нивните национални парламенти. Меѓу првите земји во кои ќе се одржат избори се Грција, Британија и Шпанија. Во сите нив, шансите за високодестабилизирачки процес по изборите се големи.
Британија, чии граѓани во мај ќе излезат на избори, е на прагот на потенцијално подолг период на нестабилност, стои во направеното истражување. Шансите изборите да доведат до формирање нестабилна влада во Лондон се многу поголеми од претходно. Се проценува дека популистичката Независна партија на Британија ќе успее да земе гласови и од двете гласачки тела на Конзервативната и на Лабуристичката партија во земјата. Поделбата на гласачите, во комбинација со изборниот систем во Британија, во земјата ќе предизвика тешкотии при формирањето еднопартиска влада што би имала сигурно мнозинство во парламентот.
Од друга страна, најнепосреден политички предизвик, но и тест, кој ќе ги докаже растечкиот популизам и успех на изборите на популистичките партии, е тоа што ќе се случи во Грција. Парламентарните избори во Грција беа распишани за 25 јануари, откако парламентот не успеа да избере нов претседател на државата.
Истражувањата на јавното мислење укажуваат дека крајната левица, популистичката партија СИРИЗА, би можела да се појави како најсилна партија што би можела да ги добие изборите. Доколку се случи тоа, според „Економист“, ќе биде предизвикан бран низ Европската Унија, кој би бил катализатор за политичките пресврти во другите земји.
– Доколку СИРИЗА дојде на власт, тоа би дејствувало дестабилизирачки во самата Грција, но и во регионот. Речиси е сигурно дека би дошло до криза меѓу Грција и меѓународните кредитори, со оглед на тоа дека отписот на долговите е една од основните идеи на нејзината политичка платформа – се наведува во истражувањето.
Избори во Европа со потенцијално непредвидливи резултати, според лондонскиот весник, ќе има и во Данска, Финска, Шпанија, Шведска, Германија и во Ирска.
– Заеднички именител во сите тие земји е зголемувањето на рејтингот на популистичките партии – заклучува британскиот весник.
Извор: Нова Македонија