Европа на чекор до банкарска унија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Министрите за финансии од еврозоната, по повеќемесечни преговори, конечно постигнаа договор за механизмот за санација или ликвидација на проблематичните банки. Механизмот, кој претставува втор столб од идната европска банкарска унија, требаше вчера да биде усвоен на самитот на лидерите на земјите од ЕУ во Брисел. Договорот предвидува во наредните десет години да се формира фонд, вреден 55 милијарди евра, кој ќе биде финансиран од банкарската индустрија. Според планот, ново европско контролно тело ќе биде назначено, кое ќе одлучува кога и како ќе се затвораат банките. Со тоа европските даночни обврзници веќе нема да плаќаат за грешките на банките, со што заврши периодот на масовно спасување на банките.
На хартија, оценува Би-би-си, договорот претставува најголема централизација на моќта во Европската Унија по воведувањето на заедничката валута – еврото. Според сложениот договор, фондот за санација на банките ќе почне постепено да функционира од 2016 година и целосно ќе стане оперативен за десет години. По преодниот рок, фондот треба да има на располагање 55 милијарди евра, кои во тој период ќе ги уплатуваат самите банки. Во првата деценија тоа нема да биде единствен фонд, туку секоја земја ќе има свое национално одделение или тело, во кое ќе уплатуваат нејзините банки. Идејата е да се минимизира колатералната штета од проблематичните банки, односно да се избегне опасноста таквата штета да доведе до банкрот на самите земји-членки.
Европските медиуми пренесуваат дека едно од најтешките прашања што стоеше на патот кон договорот беше за тоа кој ќе ги носи одлуките за санација или ликвидација на банките. Франција инсистираше тоа да биде Европската комисија, додека, пак, Германија на тоа се противеше, барајќи последниот збор да го имаат земјите-членки. Постигнатиот договор е поблиску до ставот на Берлин, бидејќи единствениот механизам за санација на банките ќе го има Сојузот за санација, кој ќе одлучува дали некоја банка ќе се докапитализира или ликвидира.
Но, според Би-би-си, тоа што министрите за финансии од еврозоната го задржаа правото да одлучуваат за судбината на банките не оди во корист на брзината на дејствување на механизмот, кога за тоа ќе се појави потреба. Според договорот, Европската централна банка (ЕЦБ) ќе треба да го направи првиот чекор, односно да прогласи некоја банка дека е преслаба да опстане. Потоа, следуваат мислења од новата агенција, која ќе има моќ да затвора банки, еврокомисијата, како и од 18-те членки на еврозоната.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ги отфрли стравувањата дека новиот механизам ќе биде тромав, односно ќе доцни со реакцијата.
– Ќе мора да функционира брзо во случај на итна потреба или, пак, преку викенд. Новата структура ќе биде доволно агилна да го стори тоа – истакна Шојбле.
Според него, со договорот се формира последниот столб на идната банкарска унија. Би-би-си оценува дека и фондот од 55 милијарди евра ќе биде недоволен во споредба со огромниот капитал на банките во еврозоната, а на пример помал е од трошоците за справување само на Ројал бенк оф Скотланд.
Извор: Нова Македонија