Европол: Сајбер-злосторствата ќе станат повеќебројни од традиционалните | Правдико

Правдико

   

Европол: Сајбер-злосторствата ќе станат повеќебројни од традиционалните

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Дигиталното киднапирање, сексуалната злоупотреба на деца, користењето на мрежата Даркнет и плаќањето на криминалните услуги со биткоин, во моментов се водечкиот црн тренд на компјутерскиот криминал во Европа.

06102016111335_web_cyber-crime

Обемот и штетите од компјутерскиот криминал продолжуваат да се движат во нагорна линија, а некои земји веќе стравуваат дека овие кривични дела се на чекор да станат повеќебројни и од традиционалните.

Ова го покажува најновиот извештај на Европскиот центар за сајбер-криминал (СЦ3) при Европол, кој беше објавен во пресрет на годишната сајбер-конференција на Интерпол и на Европол.
Пуштањето „тројански“ вируси кон банкарските системи преку малциозниот софтвер Рансомвер се на врвот закани во сајбер-просторот и овој тренд нема да се измени во блиска иднина, се процените дадени во извештајот.

Со помош на овој злонамерен софтвер измамниците замрзнуваат нечиј компјутер. Трендот е познат како дигитално киднапирање. Корисникот нема пристап до податоците во компјутерот, сѐ додека не плати откуп. Оттука и овој малциозен софтвер го добил името, „рансом“ што на англиски значи откуп. Интересно е тоа што овој тип злонамерни софтвери сѐ повеќе се користат и за напади на податоците во мобилните телефони.
– Мобилните уреди сѐ помалку се користат само како телефони. Напротив, тие сѐ повеќе се користат како мобилни компјутери. Природата и сложеноста на нападите врз мобилните сѐ повеќе личи на класичниот напад со вируси на десктоп-компјутерите – се истакна во извештајот.

Крадењето односно копирањето на шифрите од картичките за банкомати и злоупотреба на личните податоци е уште еден од најзастапените трендови во компјутерскиот криминал.
На листата што ја истакнува Европол е и сексуалната злоупотреба на деца.
– Децата-жртви се сѐ повеќе изложени на принуда и уцена од страна на сторителите, кои на тој начин се обидуваат да добијат дополните материјали од децата. За возврат бараат некоја финансиска добивка или физички пристап до жртвата – пишува во извештајот.

Овие материјали често се разменуваат на Даркнет. Мрежа до која може да се пристапи само преку специфичен софтвер, конфигурации или овластувања. Токму користењето на оваа мрежа од страна на криминалците во моментов се најде меѓу најзастапените сајбер-криминални трендови во Европа. Ова е детектирано од водечките сајбер-безбедносните експерти, кои тврдат дека услугите на „темните мрежи“ ги користат и екстремистичките групи. Тие во моментов имаат ограничени можности, но како што се нагласува, постои можност тоа да се измени и сајбер-техниките почесто да бидат користени за организирање и спроведување терористички напади.

На листата со трендови во компјутерскиот криминал, во извештајот на Европол, се најде и користењето на виртуелната валута биткоин, со која се плаќаат забранети услуги и онлајн-нарачки.
Покрај овој, еден од клучните делови во извештајот е оној за препораките, кои се однесуваат на истрагите, законската легислатива, превенцијата и соработката на државите во сузбивањето на новите трендови.
Изработување безбедносни анализи од конкретни случаи, вложување во човечки и ИТ-ресурси се само дел од препораките на Европол за справување со проблемот.

За сајбер-просторот да не стане рај за криминалците, според европските експерти, потребни се промени и во легислативата. Најмногу во насока на хармонизирање на законите, одредени постапки или дела што досега не се казнувале да се криминализираат, како и да има законско усогласување на постапките за прибирање електронски докази.
Кога станува збор за превенцијата, според извештајот, потребно е издигање на јавната свест односно кампањи со кои граѓаните не само што ќе се советуваат како да се заштитат, туку и како да препознаат и да пријават кривично дело.

МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈМАЛКУ САЈБЕР-КРИМИНАЛ

Пред нецела година, во извештај, исто така објавен од Европол, Македонија беше сместена во групата држави каде што за една година биле откриени најмалку сајбер-криминалци или сајбер-криминална инфраструктура. Заедно со нас од Европа имаше уште три други држави, Црна Гора, Португалија и Луксембург.

Тие се најдоа во групата со од еден до два откриени случаи на скалата до дваесет.
Највисоко на оваа скала, односно во групата со откриени од 19 до 20 случаи беа рангирани Русија, Германија и Велика Британија.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико