Правдико

   

Европратениците загрижени за ситуацијата во Македонија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европскиот парламент доцна синоќа во Стразбур на пленарна сесија го разгледа извештајот за напредокот на Македонија во 2016 година, подготвен од известувачот Иво Вајгл. Резолуцијата за Македонија треба да се гласа на сесијата на Европскиот парламент во мај, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Во речиси сите дискуии на европратениците, ситуацијата во Македонија беше оценета како „многу сериозна“, а политичката криза како „се подлабока“, со заедничка оценка дека тоа „ја загрозува европската перспектива“ на земјата. Говорниците апелираа да се деблокираат процесите за конститурирање на Собранието и за формирање влада.

Според преставникот на малтешкото претседателство, Јан Борг кој настапи во име на Советот на ЕУ, „Македонија страда од поларизација и култура на поделби“, а системски мани се регистрираат во судскиот систем, човековите права и борбата против корупцијата.

Борг уште еднаш ја потенцираше големата загриженост поради тоа што с? уште нема влада во Македонија. Тој потсети дека и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск при последната посета на Скопје побара државништво и единство во земјата. Изразувајќи поддршка за работата на СЈО, Борг рече дека новата влада мора да работи на реформи во земјата преку реализирање на договорот од Пржино и препораките од извештајот на Прибе.

– Очекуваме прв приоритет на владата да бидат реформите во корист на земјата и граѓаните и враќање на земјата на европскиот пат, рече Борг.

Невен Мимица, еврокомесар за меѓународна соработка и развој, ги повика политичките фактори да ги почитуваат резултатите од изборите, претседателот Ѓорге Иванов да дозволи да се формира владата, а политичките партии да престанат да долеваат оган на меѓуетничките односи.

– Бараме од Иванов да ги почитува резултатите од изборите и да дозволи функционирање на демократијата. Загрижени сме поради потпалувачката реторика од некои политички актери која ги загрозува меѓуетничките односи. Брзото формирање на новата влада нема да биде доволно само по себе, порача Мимица и дополни дека ќе инсистираат на целосно спроведување на договорот од Пржино и реформи во владеењето на правото..

Тој изрази загриженост за нападите врз граѓанскиот сектор од страна на државните институции, како и поддршка за продолжувањето на мандатот на СЈО.

Известувачот Иво Вајгл рече дека Собранието не може да работи и да се формира нова влада поради системски опструкции и однесувањето на шефот на државата. Вајгл притоа им се обрати и на соседите кои се мешаат во внатрешните работи на Македонија во време кога состојбата во неа е толку проблематична и комплицирана.

– Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, лично очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Парламентот, порача Вајгл додавајќи дека никој не треба да се чувствува потоа како губитник во националниот проект.

Маријана Петир, хрватската европарламентарка, ги обвини САД и Албанија за мешање во политичката ситуација во земјата и им даде политичка легитимација на протестите што против тиранската платформа се случуваат во Скопје.

Кнут Фленкештајн порача дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт.

– Поголемиот дел од земјата мисли дека демократијата функционира само ако победат, забележа тој, додавајќи дека тоа очигледно го мисли и мнозинството од тие што деновиве излегуваат на улиците.

Едуард Кукан од Европската народна партија и известувач во сенка за Македонија посака конечно да го види светлото во тунелот по неколку години криза во земјата. Тој го повика претседателот Иванов „да ја почитува волјата на мнозинството и да го даде мандатот за формирање влада, а Парламентот на почне да работи според нормална процедура“.

Тонино Пицула од групата на социјалистите оцени дека земјата е доведена во ситуација без преседан, а Парламентот е толку блокиран што не може да донесе ниту одлука за распишување локални избори. Според него, изборите не дале апсолутен туку релативен победник кој, пак, не успеал да формира влада.

Грчките европратеници кои зедоа учество во дебатата повторно со добро познатите ставови дека Македонија „го присвоила“ името, дека земјата е „пред распаѓање“.

На крајот од дебатата еврокомесарот Невен Мимица порача декам „влада во Македонија мора да се формира, но оти тој процес е во рацете на претседателот и на локалните политички лидери“.

– Само тие можат да ја вратат Македонија на патот на евроинтеграцијата, нагласи Мимица на затворањето на дебатата. Предупреди и дека добрата соработка околу мигрантите не значи дека ЕУ ќе ги затвори очите пред нарушувањето на демократијата во Македонија.

Гласањето за резолуцијата изработена од Иво Вајгл и која ја доби поддршката од европратениците, Советот и Комисијата на ЕУ во едночасовната дебатата, предвидено е да се гласа на првата сесија на Европскиот парламент во мај.

Извор: Утрински весник

Партнери на Правдико