Европска армија шанса и за Македонија | Правдико

Правдико

   

Европска армија шанса и за Македонија

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Актуализирањето на идејата за формирање единствена европска армија што ќе ги заштити државите од Стариот континент од безбедносните закани, какви што се мигрантската криза, тероризмот и ефектите од граѓанските војни во Украина и во Сирија, како да станува еден од приоритетите на актуелното европско раководство, особено по брегзит. Судејќи по динамиката на изјавите на високите функционери во ЕУ, нејзината реализација како да станува сѐ поизвесна.

24082016090027_web_dasff

Последна изјава во овој правец даде чешкиот премиер Бохуслав Соботка, кој завчера во Прага рече дека Европа нема да успее да се избори со безбедносните закани, како што се терористичките напади и миграциите, ако не формира своја армија. Еден ден претходно во Алпбах, Австрија, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, рече дека се надева на понатамошна интеграција на Европската Унија на сите полиња, истакнувајќи оти е неопходна заедничка надворешна и одбранбена политика, бидејќи во спротивно, како што кажа, ќе биде загрозена улогата на Европа во светот. Слични изјави деновиве дадоа и други европски челници, по што неодминливо стана прашањето што би можел да значи за Македонија таквиот развој на случувањата.

Воено политичкиот аналитичар Милан Стефановски смета дека идејата за формирање заедничка армија е одлична и дека во овие моменти единствено таа би можела да ѝ помогне и да ја консолидира самата ЕУ и истовремено да ѝ помогне и на Македонија, која не е членка на НАТО поради проблемот за името.
– Македонија од пред неколку години веќе е член на европските борбени сили, кои сѐ уште се само од формален карактер, па со формирањето на армијата на ЕУ ќе се најде и компензација за нејзиното отсуство во колективниот заштитен чадор на НАТО – вели тој.

И аналитичарот Јордан Тасев е на слична линија со Стефановски, но тој додава дека постоењето на армијата на ЕУ истовремено ќе претставува и олицетворение на нејзината реална надворешна политика.
Тој мисли дека евентуалното воспоставување на планираната армија на Европската Унија може да придонесе за зацврстување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, без притоа да се коси со концептот на нормативна моќ на Европската Унија.
– Формирањето на армијата на Европа, кое практично е во својот зародок, може само да ѝ помогне на Македонија. Тоа, барем теоретски, ќе значи дека Македонија првпат ќе биде на исто политичко рамниште со Грција, која, пак, нема да го има приоритетот на членство во оваа организација, а со тоа ниту привилегиите што сега ги ужива во НАТО – резимира Тасев.

Во прилог на тезата дека Македонија, која од добро познатите причини сѐ уште не е членка на НАТО, сепак би можела да се најде во некаков колективен систем на одбрана, оди и неодамнешната изјава на Јункер.
– Конечната цел треба да биде заедничка европска војска, која не би била класична офанзивна војска. За тоа не би требало земјата да биде членка на НАТО, со цел некои држави да немаат проблем – посочи Јункер.
Сличен став со Јункер има и германската министерка за одбрана Фон дер Лаен, која тврди дека главна цел на ЕУ треба да е создавање европска армија. Германската министерка за одбрана сепак не верува дека тоа наскоро ќе се случи, бидејќи пред тамошните новинари минатата недела изјави дека формирањето европска армија е долгорочна цел.
– Европската армија останува долгорочна цел, но остварувањето на тоа, најверојатно, ќе го дочекаат моите деца. Сега се работи на тоа чекор по чекор да се зајакне европската одбранбена унија. И САД сакаат Европа да стане силна во НАТО. И за да се постигне тоа, мора одделни нации да излезат со конкретна воена соработка, како што го прават тоа Германците и Холанѓаните – изјави Фон дер Лаен.

За формирањето на европската армија и за нејзината очекувана улога изминатиов период пишуваа и голем број светските медиуми. Британскиот весник „Фајненшл тајмс“ во своја анализа подвлекува дека главен заговарач на идејата за европската војска е токму Германија, која се залага за формирање европска армија што би била своевиден пандан на Северноатлантската алијанса.

Британскиот медиум во својот текст подвлекува дека документот за одбранбени стратегии изработен од страна на германски експерти го открива концептот за формирање структурна европска армија.
– Оваа армија, според анализата, треба да има заеднички главен штаб од воени и цивилни претставници и плус совет на министри за одбрана, кој ќе го координира производството на оружје и опрема и ќе раководи со користењето на заедничките воени капацитети – истакнува весникот.

Во „Белата книга“, подготвена од германски експерти, која ја цитира „Фајненшл Тајмс“, се вели дека „Германија е согласна решително и целосно во раната фаза да се приклучи како водечка сила во меѓународната дебата за формирање европска армија и притоа да преземе одговорност и лидерство“.
Според медиумот, германскиот документ како основа за своите предлози ги зема мисиите на ЕУ во Чад и во Централноафриканската Република и антипиратските операции на брегот на Сомалија.
„Фајненшл тајмс“ истакнува дека иако предлогот за заеднички европски воени сили, одвоени од НАТО, беше споменат и од шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, првпат лани во март, германските стратези, свесни за можна „љубомора“ од американската команда со НАТО, прецизно наведуваат дека „целта на европската армија не е да ја направи ЕУ целосно независна од НАТО, туку Европа поамбициозно да ги дели обврските меѓу Унијата и Алијансата“.
Весникот нагласува дека противниците на оваа идеја сметаат дека новата европска армија ќе ѝ даде на Германија позиција на европски хегемон, особено кога Велика Британија комплетно ќе ја напушти ЕУ. Дополнителен проблем за противниците на идејата е нарушувањето на концептот за финансирање на НАТО и отуѓувањето на САД, како главен сервисер на безбедноста на ЕУ.

Авторот на анализата прашува и дали има скриена агенда во германските планови, при што се цитираат мислења на експерти што даваат можност, доколку биде формирана европска армија, предвидените два отсто од средствата што Германија треба да ги дава за НАТО, да ги користи за новите сили.
Дополнително, може да се очекува и промена на процентот на воена опрема, кој сега е доминантно од американско производство на сметка на германските производители, што ја отвора можноста врз германската „Бела книга“ свое влијание да има и воено индустрискиот комплекс. Весникот подвлекува дека европската армија ќе влијае и на односите на ЕУ со Русија.

Според анализата, колку повеќе Европејците имаат влијание врз одбранбените прашања во ЕУ, односно колку помало е вклучувањето на САД во заедничката одбранбена политика на ЕУ, толку ќе бидат подобри односите со Русија.
На истата тема пишува и руската новинска агенција „Спутинк“, која во својот текст прашува колку навистина е изводлива идејата за европска армија.
– Во моменти кога ЕУ минува низ можеби најтешката политичка криза во својата историја се чини дека идејата за заедничка армија е тешко остварлива и е само илузија – пишува „Спутинк“.
Московскиот медиум потсетува дека замислата за заедничка европска армија е стара колку идејата за Европска Унија и дека цели шеесет години се обидува да заживее.

„Спутинк“ потсетува дека прв ваков обид имало по Втората светска војна, кога Франција, Германија, Италија и земјите од Бенелукс се обиделе да ги соединат своите армии, но тогаш претседателот на Франција, Шарл де Гол, во идејата видел губиток на голем дел од националниот суверенитет и се откажал од замислата. Оттогаш досега, констатира „Спутник“, сето тоа останало само на хартија, со исклучок на ситуацијата од 2007 година, кога ЕУ се одлучи да формира две единици за брзо распоредување од 1.500 војници, кои никогаш не беа борбено активни.

Рускиот медиум истакнува дека најголем противник на идејата за формирање европска армија била Британија и дека со нејзиното истапување од Европската Унија се отстранува и најголемата политичка пречка за спроведување на замислата.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико