Европското СЈО со тесен мандат во трети земји | Правдико

Правдико

   

Европското СЈО со тесен мандат во трети земји

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

За злоупотреба на европските пари во трети земји, вклучувајќи ја и Македонија како земја-кандидатка, ќе се одговара пред канцеларијата на Европскиот јавен обвинител, институција што ја воспоставуваат засега 16 земји-членки на ЕУ, но во иницијативата ќе може да се вклучат и другите држави од европскиот блок.

Сепак, надлежностите на ова обвинителство ќе бидат ограничени на територијата на ЕУ, поточно на земјите што се согласиле да соработуваат во овој проект, како и надвор од овие граници, но само ако во нелегалните активности поврзани со фондовите на ЕУ биле вклучени членови на персоналот на Унијата. Ова значи дека ако за локални функционери од третите земји постои сомневање дека ги проневериле европските фондови што им биле доделени, со тие случаи повторно ќе треба да се справуваат домашните судски и обвинителски органи.

Како што порачуваат експертите, последиците од сето тоа за Македонија би можеле да бидат намалена доверба за доделување нови пари од европските фондови.

Минатата недела Советот на ЕУ соопшти дека 16 држави-членки ги информирале релевантните европски институции за нивната намера да отворат соработка со која ќе се основа канцеларија на Европскиот јавен обвинител. Во ова соопштение се вели дека ЕЈО ќе има надлежност да истражува, да поднесува обвиненија и да ги изведува пред лицето на правдата оние што извршиле дела против финансиските интереси на Унијата. Засега земји-потписнички се Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Германија, Грција, Шпанија, Финска, Франција, Литванија, Луксембург, Португалија, Романија, Словенија и Словачка. Се очекува и други да се вклучат во овој вид соработка.

Ромен Садет, портпарол на Советот на ЕУ за правни прашања, вели дека државите-членки што учествуваат во иницијативата за засилена соработка, сега треба да се согласат за конечниот текст на регулативата со која ќе се овозможи формирањето на ЕЈО. Откако ќе постигнат согласност, текстот треба да биде прифатен од Европскиот парламент, за дури потоа да стане дел од европското законодавство и да ги овозможи формалноправните услови за оваа нова институција да се формира и да стане функционална. Засега нема предвидувања колку време би било потребно за тоа, но иницијативата за ваков вид соработка првпат била спомената уште пред четири години.

Што се однесува до надлежностите, тие се регулирани во членот 18 од сегашниот нацрт-документ, според кој ЕЈО ќе може да истражува прекршувања на законите што целосно или делумно се случиле на територијата на една или на неколку земји-членки на ЕУ, потоа прекршувања што ги извршиле државјани на ЕУ во трети земји, како и дека ќе може да истражува надвор до територијата на ЕУ, ако истрагата треба да опфати луѓе што подлежат на кадровските регулативи и на условите за вработување што ги пропишува Унијата.

– Територијалната надлежност на ЕЈО е ограничена на земјите-членки што учествуваат во оваа иницијатива. Тоа значи дека прекршокот мора да се случи, барем делумно, на територијата на тие земји-членки, за обвинителството да може да воспостави надлежност врз тој случај. Исклучок од овој принцип е само персоналот на Европската Унија. Каде и да се наоѓаат вработените во ЕУ, ако тие извршат дела со кои ќе го оштетат европскиот буџет, тоа ќе биде под надлежност на ЕЈО – објаснува Садет.

Се проценува дека годишно од сметките на Европската Унија исчезнуваат по околу 500 милиони евра поради различни злоупотреби. Поради ова, Европската комисија уште пред четири години одлучи да основа канцеларија на Европскиот јавен обвинител. Според замислата, канцеларијата треба да има еден главен обвинител, како и по еден обвинител од секоја земја што ќе учествува во иницијативата. Главниот обвинител ќе го предложат државите-членки. Тој ќе го води колегиумот, додека делегираните европски обвинители ќе ги водат постапките во своите држави.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико