Фалат 40 печати од ДИК, Избирачкиот список на увид
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Околу 40 печати на Државната изборна комисија од избирачки места од Сопиште, Брвеница, Бутел, Брвеница и други ги нема во депото на ДИК во касарната „Илинден“, стои во извештајот на пописната комисија што во четврток вечер се се разгледуваше од членовите на ДИК.
Дискусијата меѓу членовите на ДИК одеше бурно, а оваа точка на дневниот ред на крај беше тргната и беше заклучено да се направи дополнителен попис на канцеларискиот материјал за избирачките места кој се чува во магацин во касарната „Илинден“.
Жестока расправија изби меѓу членовите на ДИК од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума и Сашо Срцев и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.
Милев реагираше дека со тие украдени печати, што сега се откриваат, ВМРО-ДПМНЕ славеше победа на неколку изборни циклуси. Срцев, пак, забележа како може да се констатира дека нешто фали, кога претходно не било избројано и не се знаело колку има на број, како што е случај, според него, со печатите на ДИК.
Од ДИК појаснуваат дека по изготвениот извештај од Пописната комисија се утврдува дали некаде фали нешто, дали е оштетено и дали треба да се замени. ДИК распишува јавна набавка и се набавуваат нови. Во случајот ако се констатира дека има оштетени печати или недостасуваат, се изработуваат нови, но различни од тие што се оштетени, при што на нив се додава нов детаљ како ѕвезда, цртка или некоја друга ознака.
Сепак, останува сомнежот дека може да се направат некои фалсификати на гласачките списоци во избирачките места и во општинските изборни комисии, сако се знае дека во „бомбите“ на опозицијата се слушаа разговори на поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески со поранешниот директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков како и со друг соговорник, за отворање на запечатени црни вреќи и кутии со избирачки материјал, како и за наводни двојни списоци од гласање во избирачките места.
Комисијата најави дека во петок ќе биде ставен на увид и прочистениот избирачки список. Увидот ќе трае до 11 ноември, а списокот ќе се заклучи на 21 ноември. Изборите се закажани за 11 декември.
Бурна расправа предизвика и третманот на незапишаните 30.447 сомнителни гласачи, за кои мнозинството во ДИК на крајот одлучи тие пак да можат да се пријават електронски и лично во ДИК, веќе од денеска кога почнува увидот во Избирачкиот список.
Извор: Makfaks