Правдико

   

ФБИ: Улични банди во Чикаго склучиле пакт да го убијат секој полицаец кој ќе потегне оружје врз осомничен

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ФБИ издаде предупредување до полицијата во Чикаго дека триесетина улични банди склучиле договор за убивање на лице место на секој полицаец кој ќе извади пиштол во јавност, пренесува Еј-би-си.

Претставници на ФБИ во Чикаго неодамна издадоа „извештај за ситуацијата“ за полицијата во Чикаго, укажувајќи на можен пакт на повеќе банди за убивање полицајци на улиците.

„Членовите на овие фракции на банди активно бараат и снимаат полицајци во извршувањето на нивните службени должности. Целта на акцијата е да се сними полицаец кој го вади своето оружје на кој било осомничен и последователното застрелување на истиот полицаец на лице место со цел да се привлече вниманието на националните медиуми“, се вели во предупредувањето на ФБИ.

Сојузот ги вклучува озлогласените банди како што се „Латин кингс“ и „Вајс лорд“, како и повеќе понепознати банди, вклучувајќи ги „Олмајти блек П. Стоун нејшн“ и нејзината исламистичка фракција позната како „Ел Рукн“ (арапски за „столб“). Сите тие припаѓаат на веќе постоечкиот сојуз на банди „Пипл нејшн“.

Додека документот на ФБИ од 26 август посочува дека предупредувањето е добиено од контакт чие известување е ограничено и чија веродостојност не може да се утврди – сугерирајќи дека тоа можеби потекнува од полициски извор, сведок во тековен случај или од информациите собрани преку надзорот полицијата – Дејвид Браун од полицискиот оддел во Чикаго (ЦПД) вели дека полицајците во моментов се соочуваат со „чувство на беззаконие“ во градот.

„Мислам дека тоа е повеќе од предлог“, рече Браун, кој одби директно да го коментира предупредувањето од ФБИ, но додаде: „Мислам дека 51 полицаец беше застрелан или убиен за една година, мислам дека тоа е четири пати повеќе во однос на која било година во историјата на Чикаго. Затоа, мислам дека е повеќе од предлог тоа што луѓето сакаат да им наштетат на полицајците “.

Во посебна изјава доставена до Еј-би-си, чикашката полиција вели дека е свесна за заканата од улични банди и дека сериозно ги сфаќа сите закани против полицајците, додавајќи дека ги презела сите соодветни мерки на претпазливост.

Наводното формирање на супергрупа од улични банди доаѓа во момент кога Чикаго забележува скок во насилното злосторство, со застрелани 55 лица, од кои 10 смртно, само во текот на минатиот викенд, според „Чикаго сан тајмс“. Претходниот викенд имало 66 застрелани, од кои петмина биле убиени.

Бранот престрелки доаѓа и во време на демонстрации и немири поради неодамнешните пукања на полицијата, односно убиствата на Џорџ Флојд во Минесота и Џејкоб Блејк во Висконсин, кои во Чикаго често прераснуваа во немири, грабежи и вандализам.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико