Правдико

   

Фетаи: Барам осудителни пресуди за обвинетите во „Титаник 2“ – со два телефона ја срушиле ДИК

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во кривичниот суд утрово обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи ги изнесе завршните зборови во предметот „Титаник 2“. Таа рече дека со изведувањето на доказите се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело за кое се обвинети.

Фетаи рече дека Сашо Мијалков со умислено влијание, а Мендух Тачи со умислено поттикнување кон Бедредин Ибраими, го повредиле Изборниот законик т.е. волјата на избирачите за противзаконито учество на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Струмица на избирачкото место 1727.

„Членовите на ДИК се грижеле за партиски цели со кршење на Изборниот законик“, рече Фетаи во завршниот збор.

Обвинителката рече дека Сашо Мијалков како тогашен директор на УБК и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го искористил своето реално влијание и му овозможил на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев, кој ги изгубил изборите, да продолжи да учествува на изборите, а на тогашниот градоначалник, Зоран Заев, му било ускратено правото на победа во првиот круг.

Фетаи ја исцитира и бомбата во која Мендух Тачи му вели на Бедредин Ибраими: „Ќе гласаш да се поништи, пошто се договоривме за Чаир“.

Обвинителката кажа дека обвинетите ја срушиле првата брана, ДИК, со 2 телефона. „Не се замарале со Управниот суд. Не се џабе тефтерчињата на Јанкулоска“, рече Фетаи и дополни дека управните судии се изнамачиле да измислат основа и да ја потврдат одлуката на ДИК за прегласување. „Правниот став на Управниот суд бил на иста линија со правниот став на партијата на власт“, рече таа. Фетаи побара осудителна пресуда за сите обвинети во случајот. Обвинителката се осврна на сите изведени докази во постапката.

Вештачењето на судот покажа дека вкупно е направена штета од 26.011 денари за организација и спроведување на втор круг од гласањето за тоа избирачко место во Струмица.

Во случајот „Титаник 2“, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување се обвинети лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.

Фетаи се осврна на барањето на Сашо Мијалков за прекин на постапката поради мислењето на Врховниот суд и рече дека не е исто овластен тужител со надлежен обвинител. Предметот бил преземен на 4 декември 2015 година, а материјалите се преземени на 30 декември 2015 година, со тоа, рокот за поднесување на обвинението е 30 јуни 2017 година.

Според обвинението на СЈО, Мијалков и Тачи се испазариле и успеале незаконски да биде поништено гласањето на локалните избори во Струмица во 2013 година. Во предметот беа обвинети и 5 управни судии, но Апелацискиот суд ги спаси од кривичен прогон.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико