Правдико

   

Фетаи за трошоците од прегласувањето во Струмица: И еден денар да е во прашање, направена е штета врз Буџетот

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Судењето за „Титаник 2“, кое се однесува на изборни нерегуларности од локалните избори од 2013 година продолжи со наодите на вештакот Љубомир Атанасовски, повикан од страна на одбраната за трошоците кои произлегуваат од повторното гласање на изборите, на гласачко место 1727 во Струмица.

Одбраната образложи дека вештото лице Атанасовски е ангажирано да направи вештачење за трошоците за повтореното гласање во Струмица, од причина што сметаат дека пресметките од страна на вештакот на специјалното јавно обвинителство се погрешни.

Според наодите на вештото лице ангажирано од СЈО за трошоците на повтореното гласање кои се наоѓаат и во обвинението за предметот стои дека со одлуката да има поништување и повторно гласање на гласачкото место 1727 во Струмица, направена е штета на Буџетот на РМ од 146.824 денари. Според пресметките на Атанасовски, пак, трошоците за прегласувањето на ова избирачко место чинат 32.315 денари, што е разлика од 114.509 денари.

Како што рече техничкиот советник на одбраната, Љубомир Атанасовски, пресметките се направени врз база на документите од ДИК. Односно, во пресметките се ставени трошоците за печатење на 1082 гласачки ливчиња, чија цена на едно ливче е 4,85 денари и според тоа се доаѓа до сумата 5248 денари потрошени за печатење на гласачките ливчиња.

Во пресметките се ставени и печатење на избирачкиот список, надоместоците на сите лица од избирачкиот одбор, односно претседателот, заменик претседател, четири членови и четири заменици на членовите. Транспорот на избирачкиот материјал, исто така е пресметан во трошоците за повтореното гласање.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, за време на изведувањето на наодите на Атанасовски ѝ се обрати на одбраната со зборовите:„И еден денар да е во прашање, пак е нанесена штета на Буџетот на Република Македонија“.

Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Според обвинението на СЈО, Мијалков преку телефонски разговор побарал од лидерот Тачи да му каже на претставникот од ДПА во Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими на седница на комисијата да гласа за прегласување во едно избирачко место во Струмица.

На локалните избори во 2013 година кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица беше пратеникот Васил Пишев.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико