Филипче: Полицискиот час останува и по првомајскиот викенд, рано е за целосно укинување | Правдико

Правдико

   

Филипче: Полицискиот час останува и по првомајскиот викенд, рано е за целосно укинување

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Полицискиот час останува и по првомајскиот викенд. Министерот за здравство, Венко Филипче, посочи дека е рано да се зборува за целосно укинување на рестрикцијата за движење. Според него, и натаму се анализира колку заболени има во одредени региони пред да се донесат нови мерки или да се укине некоја од постојните. Филипче вели дека не може да се каже што би препорачала Комисијата за заразни болести по првомајскиот викенд бидејќи во моментот се следи и дали носењето заштитна опрема ќе придонесе за да се намалува бројот на заболени од вирусот.

„Имаме некои проекции за тоа кога би бил крајот на епидемијата, ако бројките продолжат вака. Крајот на оваа недела, но и почетокот на следната, ќе биде важна за тоа какви ќе бидат препораките за понатаму. Засега полицискиот час останува. Премногу е рано да се зборува за тоа“, рече Филипче.

Тој посочи дека досега не е евидентирано поскапување на маските за заштита од коронавирусот, но и дека може да се носат марами или шалови. Но, тој ќе побара инспекторатите повторно да направат проверки во аптеките.

„Сосема доволна е прекривка како шамија, марама или форма на шал. Не мора задолжително да биде хируршка маска. За целта да се постигне, затоа ги дадовме сите алтернативи и во уредбата. Сите материјали спречуваат капките да циркулираат меѓу луѓето, особено на дистанца помала од 2 метра. Во болничките установи важат други правила, но во маркети, пошти итн., марамите и шамиите имаат доволен ефект. Немам информација дека има зголемени цени на маските, но ќе сигнализирам да се направи проверка“, рече Филипче.

Во однос на првомајските празници, Филипче рече дека мора да се почитуваат препораките за да не се зголемува бројот на заболени од вирусот.

„Сите имаме еднаква одговорност, секој кон себе и кон другите. Не смее да го дозволиме и да го доведеме во прашање она што го надминавме, најтешкиот период и најголем предизвик. Нашите анализи покажуваат дека трансмисијата во целата држава е под 1 и чекаме уште неколку дена за да видиме каков ќе биде трендот во наредните денови. Ја израмнивме кривата линија, ако го задржиме овој тренд, ќе го вратиме животот во нормала“, изјави министерот.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико