Адвокат Филота Фила (1914 – 1983) | Правдико

Правдико

   

Адвокат Филота Фила (1914 – 1983)

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Filota Fila portret

Историјата и идентитетот на адвокатурата и правосудството во Македонија по Втората светска војна се поврзува и со името на битолчанецот Филота Фила, истакнат правник, адвокат и борец за правда, кој својата кариера ја отпочна во Битола, а ја продолжи ширум Југославија, постанувајќи еден од најпознатите адвокати на поранешната држава, кој застапувал и бранел во сите републики и скоро во сите поголеми градови.

Филота Фила во текот на својата професионална и животна активност постигна високи резултати. Тој е роден во 1914 година во Битола, каде завршил основно училиште и Гимназија. По матурирањето, се запишал и дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1937 година. По завршувањето на Правниот факултет работел како судски приправник во Ресен, Битола и Дебар. Во периодот од 1941г. до 1942г. работел како судски приправник во Умци, а одлуката за избор на судија не била потпишана поради почетоците на војната. Потоа бил на работа како правен референт во фабриката „Бата“.  Во Народоно-ослободителното движење се вклучил во 1942г.

Во 1943г. е откриен од окупаторот и осуден на принудна работа, при што е испратен во логорот „Бањица“ кај Белград, а потоа во концентрациониот логор „Матхаузен“ во Германија, каде останал до капитулацијата. По физичкото и психичко малтретирање, кое довело до губење и на телесната тежина доведена до само 40  килограми советската војска го задржала во својата болница во Виена на рехабилитирање.

Advokat FILOTA FILA

По овие непријатни животни ситуации, професионално се ангажирал со извршување на адвокатскиот стаж во Белград, како адвокатски приправник кај неговиот роднина адвокатот Здравко Исаиловиќ. Веднаш по ослободувањето се вратил во Битола и бил назначен за Шеф на секторот за внатрешни работи, но заради лошата здравствена состојба се повлекол и поднел оставка.

Во септември 1945г. ја отвара својата адвокатска канцеларија во својот роден град Битола. Во овој период бранел обвинети за кривични дела против државата и народот. Заради храбриот и објективен однос во својата професионална работа, следувал процес и против него, заради, како е наведено во обвинението наплаќање на адвокатска услуга над дозволената, заради што е кривично осуден но, без губење на политичките и граѓанските права.

Во 1947г. го основа Арбитражниот суд во Битола и бил назначен за претседател на истиот. По краткиот ангажман во судот се враќа на адвокатурата и во 1947г. врши промена на седиштето на својата адвокатска канцеларија прво во Гроцка, а потоа во Белград каде работи до крајот на својот живот.

Како адвокат во Битола, бил ангажиран како бранител во повеќе случаи на обвинети лица за политички дела и се промовирал како вистински борец за правдата, а по преселувањето во Белград постанал еден од најпознатите адвокати во тогашната држава, ангажиран во многу значајни и познати случаи во Југославија.

filota filaВо својата работна кариера бил бранител на 26 лица осудени на смртна казна, за што ја напишал и книгата „Ги бранев на смрт осудените“.

Автор е и на книгата „Вистината за Шефка“. За време на својот живот бил голем противник на смртната казна и се залагал за нејзино укинување како истакнат аболиционист и бил голем поборник за правдата, заради што ја напишал и книгата „Против смртната казна“. Починал во Белград како активен адвокат во 1983г.

Адвокатската дејност на адв.Филота Фила во Белград, ја продолжи прво неговиот внук Ѓорѓи Бела, исто така роден во Битола, а потоа неговиот син адвокатот Тома Фила (1941г.), кој е еден од најпознатите адвокати во Србија, правен застапник односно бранител на Јованка Броз, Слободан Милошевиќ, ген.Горан Хаџиќ и други обвинети во Меѓународниот суд во Хаг.

Оние кои се сеќааваат на личноста на Фила, го споменуваат како исклучително професионална и посветена личност со високи стручни квалитети. Ваквата активност и ангажман на една личност во адвокатурата, која оставила длабоки траги, голем углед и висок авторитет треба да биде поттик и за новите генерации целосно, посветено и професионално да пристапуваат во адвокатурата и да се борат за заштита на човековите слободи и права.

Извор: „Адвокатурата и адвокатите во Битола“ Сотир Главинче, Никола Главинче, Битола 2011г. стр.71 и 72

Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.

Партнери на Правдико