Финансирање на главните градови на Македонија, Србија и Хрватска
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Финансирање на Град Скопје и на општините во Град Скопје
Задоволувањето на локалните потреби е приоритет на секоја локална власт. Затоа изнаоѓањето на различни начини и финансиски инструменти за нивно финансирање отсекогаш било многу значајно. Денес имаме фискална децентрализација и континуиран раст на локланите расходи како тренд, од една страна, а економска криза и намалување на капацитетите од постојните извори на локални приходи како закана, од друга страна. Затоа потребата за нови, односно алтернативни извори на финансирање на локалните потреби е уште поизразена. Затоа во овој дел накратко ќе го опфатиме финансирањето на Градот Скопје и општините во Градот Скопје кое е уредено со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за Град Скопје.
Градот Скопје и општините во Градот Скопје се финансираат од сопствени извори на приходи, приходи од даноци, приходи од буџетот на РМ и буџетите на фондовите, приходи од задолжување во согласност со закон и од други приходи утврдени со закон. Заради обезбедување рамноправни услови за функционирање на општините во Градот Скопје и задоволување на заедничките потреби на граѓаните во Градот Скопје се формира Заеднички фонд на Градот Скопје и општините во Градот Скопје. Овој Заеднички фонд се формира од средствата од персоналниот данок на доход, комуналната такса за фирма и комуналната такса за користење на улиците со патнички, товарни и приклучни возила и други средства во согласност со закон. Градот Скопје и општините во Градот Скопје приходите од Заедничкиот фонд ги остваруваат согласно со методологијата за распределба на средствата од Заедничкиот фонд, која методологија ја донесува министерот за финансии.
Сопствени извори на приходи на Градот Скопје и општините во Градот Скопје се:
- локални даноци (данок на имот, данок на промет на недвижности, данок на наследство и подарок, други локални даноци утврдени со закон);
- локалните такси (комунални такси, административни такси и други локални такси утврдени со закон);
- локланите надоместоци (надомест за уредување на градежно земјиште, надомест од комунална дејност, надомест за просторни и урбанистички планови, други локални надоместоци утврдени со закон);
- приходите од сопственост (приходи од закупнина на имот, приходи од камати, приходи од продажба на имот);
- приходи од самопридонес;
- приходи од казни утврдени со закон;
- приходи од донации; и
- други приходи утврдени со закон.
Покрај сопствените извори на приходи, Градот Скопје и општините во Градот Скопје од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на фондовите добиваат: наменски дотации, блок дотации, капитални дотации и дотации за делегирани надлежности.
Исто така, Градот Скопје и општините во Градот Скопје можат да се задолжуваат во земјата и во странство според условите утврдени со закон.
Финансирање на работите на Град Белград и на градските општини
За вршењето на работите од делокругот на градот утврдени со Уставот и законите и за обавување на законски доверените надлежности од рамката на права и должности на Републиката, на градот му припаѓаат приходи и примања утврдени со законот. Овие средства се распоредуваат на градот и на градските општини сразмерно на видот и обемот на работите кои ги вршат, со одлука на Собранието на градот која се донесува за календарската година.
Со Законот за финансирање на локалната самоуправа утврдени се неколкуте видиви извори на приходи на единиците на локалната самоуправа. Исто така утврдено е и дека Републиката е должна при секое пренесување или доверување на работи на единицата на локалната самоуправа (општините, градовите и Градот Белград), да обезбеди соодветни средства, односно извори на приходи, потребни за вршење на тие работи. Средствата во буџетот на единицата на локалната самоуправа се обезбедуваат од изворните и отстапените приходи, трансфери, примања по основ задолжувања и други приходи утврдени со законот.
На единицата на локалната самоуправа и припаѓаат извори на приходи остварени на нејзината територија и тоа: данок на имот (освен данок на пренос на апсолутни права и данок на наследување и подарок); локални административни такси; локални комунални такси; локални даноци; надоместок за користење на градежно земјиште; надоместок за уредување на градежно земјиште; надоместок за заштита и унапредување на животната средина; приходи од концесиски надоместок за обавување на комунални дејности; парични казни изречени во прекршочна постапка за прекршоци пропишани со акт на собранието на единицата на локалната самоуправа; приходи од давање под закуп на надвижности во државна сопственост што ги користи единицата на локална самоуправа; приходи од продажба на подвижни ствари; приходи кои со својата дејност ги остваруваат органите и организациите на единицата на локалната самоуправа; приходи од камата; приходи од донации; приходи по основ самопридонес и други приходи утврдени со закон.
Важно е да се напомене дека одлуката за воведување на самопридонесот, како еден од сопствените извори на приходи, ја донесуваат граѓаните на референдум.
Од страна на Републиката на единицата на локалната самоуправа и припаѓаат отстапени приходи и трансфери. Автономната покраина може да и додели наменски трансфер, а приходи од исто ниво се плаќањето за услуги и други приходи утврдени со закон.
Со цел да се обезбеди начелото на правичност, ефикасност и отвореност на системот на финансирање на локалната самоуправа, се основа Комисија за финансирање на локалната самоуправа. Комисијата има претседател и десет членови кои се именуваат за период од пет години, при што претседателот и пет членови ги именува Владата, а останатите пет членови Постојаната конференција на градовите и општините од кои најмалку три членови мораат да бидат претставници на единиците на локалната самоуправа.
Сите претходно наведени одредби се однесуваат и на Градот Белград, а со Статутот на градот утвредни се и следниве работи. Средствата од буџетот на градот, односно на градската општина, се користат во согласност со законот и одлуката за буџетот на градот, односно на градската општина. Претседателот на градската општина е должен на градоначалникот, преку организационата единица на Градската управа надлежна за финансии, да му доставува тримесечен извештај за извршувањето на наменските приходи во буџетот.
Градот може да се задолжува и да заклучува договори за кредит во склад со законот, а градската општина ито така може да се задолжува и да склучува договори за кредит во склад со законот, но по претходно прибавена согласност од градоначалникот.
Што се однесува до буџетот на градот, за неговото извршување, грдоначалникот одговара на Собранието на градот, а Градската управа должна е редовно да го следи извршувањето на буџетот и најмалку два пати годишно да го известува градоначалникот.
Финансирање на Градот Загреб
Имотот на Градот Загреб го сочинуваат подвижните и неподвижните ствари како и имотните права кои му припаѓаат законски и со нив располага Градското поглаварство во согласност со законот и Статутот. Градското собрание врши надзор над Градското поглаварство во управувањето и располагањето со имотот на градот.
Градот Загреб има свои приходи со кои во рамките на својот делокруг слободно располага. Приходи на градот утврдени со Законот за Град Загреб се: сопствени даноци, дополнителни приходи, доприноси и такси; приходи од ствари во сопственост на градот и имотните права; приходи од трговски друштва и други правни лица во сопственост на градот, односно ако во нив градот има удели или акции; приходи од концесии кои ги доделува Градското собрание; парични казни за прекршоци кои ги пропишува градот; удел во заедничките даноци со Републиката и други приходи одредени со законот. Приходите и расходите на градот се утврдуваат во годишниот буџет. И со приходите и расходите управува Градското поглаварство во согласност со законот, одлуката за извршување на градскиот буџет и другите прописи.
Предлогот за градскиот буџет го поднесува градоначалникот на Градското поглаварство, а Градското собрание го донесува градскиот буџет на предлог на Градското поглаварство по постапка и начин утврден со закон. Ако Градското собрание не го донесе буџетот пред почетокот на фискалната година, финансирањето се врши привремено, а најмногу за првите три месеци од фискалната година. Одлука за привремно финасирање донесува Градското собрание на ист начин и постапка како што се донесува буџетот.
Компаративен заклучок
Ако го анализираме финансирањето на главните градови, како и на пониско ниво (на општините или градските области), генерално гледано земајќи ги предвид сите аспекти на финансирањето можеме несомнено да заклучиме дека постои голема сличност, па затоа ќе ја оквалификуваме повеќе како нивна заедничка карактеристика, отколку разлика. Заедничко во оваа област е и тоа што во сите три држави има посебен Закон за финасирање на единиците на локалната самоуправа, а мала разноликост има во тоа дали финансирањето на главните градови дополнително е доуредено со Законот за главниот град (како во Скопје) или само со статутот (како во Загреб и во Белград). Исто така, во однос на Белград, се придружуваме на ставот на некои од српските теоретичари кои сметаат дека на Градските општини треба да им се остави поголема финансиска автономија бидејќи вака тие се во голема мера зависни од градот. Според нас ова можеби е последица од фактот што самиот град ги образува градските општини, што сметаме дека е неправилно, па затоа и тие се зависни од нивниот основач.
продолжува….
Автор: М-р Мирослав Драганов
–ПРАВДИКО–
Следно: Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето во Скопје, Белград и Загреб
М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.