Финансирањето на МРТ и изборот на советите главни забелешки во Законот за АВМУ | Правдико

Правдико

   

Финансирањето на МРТ и изборот на советите главни забелешки во Законот за АВМУ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои поминаа на владина седница и сега се во собраниска процедура денеска беа разгледани на јавна расправа што ја организираше собраниската Комисија за европски прашања.

Генералната оценка на учесниците е дека предлог-измените се во насока на подобрување и регулирање на медиумската сфера, но забелешките главно се движеа во насока на финансирањето на јавниот радиодифузен сервис и изборот на членови на Советот во Агенцијата за медиуми и Програмскиот совет на Македонската радио теелвизија.

Според Насер Селмани од Здружението на новинари на Македонија, средствата планирани за финансирање на Македонската радио телевизија не се доволни за таа да може да ги реализира програмите на кои сега е обврзана согласно законот, а камоли обврските кои ќе треба во иднина да ги исполни со отворањето на 24-часовен канал на албански јазик и канал за малцинските заедници.

– Во 2016 година Македонската радио телевизија имала околу 20 милиони евра, а ако се усвои овој закон, ќе има 15 милиони евра. Како со помалку пари може да направиме подобар и поквалитетен јавен сервис. Во Македонската радио телевизија средната старосна возраст на вработените е 58 години. Ако сакате квалитетна програма, мора да вработите луѓе. Македонската радио телевизија нема ниту дописничка мрежа – рече Селмани.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека има различни мислења околу финансирањето на јавниот радиодифузен сервис и оти Владата има основа за да и помогне во поглед на набавката на опрема, но оти мора граѓаните да знаат каде се трошат нивните пари.

– Ние сме подготвени и имаме основа врз која можеме на Македонската радио телевизија да и помогнеме во делот на набавака на нова опрема и техника, но мора да има внатрешна анализа на менаџментот и да знаеме на што се трошат парите – нагласи Манчевски.

Дел од забелешките беа дека и со изборот на членови на Советот на Агенцијата за медиуми од страна на Собранието се остава можност за политичко договорање околу тоа кој ќе се грижи за независноста на медиумите, на што министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност Роберт Поповски посочи дека изборот на членови во советите со двотретинско мнозинство не значи политичко пазарење, туку политички консензус.

– Процесот е јавен и апелирам до сите да го следите многу внимателно. Доколку полтиичките структури пробаат да наметнат некакво свое влијание и размислување, тоа да го оневозможите вие медиумите и јавноста – порача министерот Поповски.

Една од забелешките беше дека треба и сексуалната ориентација да биде дел од членот во законот каде се забрануваат програми кои поттикнуваат различни видови на дискриминација.

Предлог-законот треба да биде разгледан и на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико