Физичките лица како вршители на угостителска дејност
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Угостителска дејност покрај трговски друштва и трговци поединци можат да ја вршат и физички лица. За разлика од трговските друштва и трговците поединци кои се упишуваат во трговскиот регистар, физичките лица кои вршат угостителска дејност се регистрираат во регистарот што го води градоначалникот на општината, a во градот Скопје кај градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје.
Физичките лица кои вршат угостителска дејност можат да даваат:
– конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти;
– угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи;
– угостителски услуги во апартмани и соби за одмор;
– угостителски услуги во селски домаќинства и
– угостителски услуги во пловни објекти.
Давање на конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти
Конфекционирани угостителски услуги можат да се даваат во подвижни на сопствен погон или влечно, доколку ги исполнуваат минимално- техничките услови и другите услови пропишани со закон. Давањето на овие угостителски услуги може да се врши на места определени од градоначалникот на општината, а во градот Скопје од градоначалникот на градот Скопје на саеми, панаѓури и други манифестации. Во овие објекти може да се продаваат и/или шалтерски да се послужуваат јадења во конфекционирана состојба (претходно подготвени во деловната просторија и спакувани), безалкохолни пијалаци, напивки и фабрички произведен и спакуван сладолед во согласност со пропишаните санитарно- здравствени услови.
Давање на угостителски услуги во куќи, апартмани и соби за одмор
Под условите утврдени со Законот за угостителска дејност и други прописи, на еден објект под заеднички покрив може да се издадат одобренија за вршење на угостителска дејност на повеќе физички лица, при што едно исто физичко лице може да:
1) Изнајмува станови за одмор и соби во колективни станбени згради, чиј сопственик е носител на правото на користење, при што лицето може да добие повеќе од едно одобрение за вршење на угостителска дејност, но притоа вкупниот број на станови за одмор и соби во кои врши угостителска дејност по основ на сите издадени решенија на едно исто лице да не надминува 10 соби или 20 легла.
2) Изнајмува куќи, апартмани и соби за одмор во индивидуални станбени објекти чиј сопственик е носител на правото на користење, при што во еден индивидуален станбен објект под заеднички покрив може да се издаде повеќе од едно одобрение, но притоа вкупниот број на апартмани и соби за одмор во целиот објект по основ на сите издадени решенија за вршење на угостителска дејност да не надминува 10 соби или 20 легла.
За давање на угостителски услуги од физички лица во објектите опишани погоре мораат да ги исполнуваат минимално-техничките услови и условите за категоризација. Категоризацијата на овие објекти ја врши градоначалникот на општината, а во градот Скопје градоначалникот на градот Скопје.
Градоначалникот на општината, а во Градот Скопје градоначалникот на Градот Скопје, до 15 јануари во тековната година, за претходната година доставува извод од регистарот до органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството, со цел формирање база на податоци на државно ниво. Исто така Градоначалникот на општината, а во Градот Скопје градоначалникот на Градот Скопје, два пати годишно, до 15 јануари во тековната година за претходната година и до 15 јуни во тековната година, доставува извештај од извршените промени во регистарот, до органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството.
Физичкото лице ги издава собите, апартманите, куќите и становите за одмор преку туристичка агенција и туристичко биро врз основа на договор. Договорот содржи:
1) име и презиме на физичкото лице и ЕМБ;
2) решение за упис во регистарот;
3) место, улица и број на објектот во кој се даваат услугите;
4) видот на услугите и бројот на гости на кои може да им се дадат услугите;
5) категорија на објектот во кој се даваат услугите;
6) износот на посредничката провизија и
7) обврска на физичкото лице е да се придржува кон одредбите од членовите 47 и 51 од Законот за угостителска дејност.
Обврски на физичките лица кои вршат угостителска дејност
Физичките лица кои даваат угостителски услуги се должни:
1) на видно место да ги истакнат пропишаниот вид и категоријата на објектот утврдена со решение од надлежниот орган;
2) на видно место на влезот на објектот да го истакнат називот на услугите кои ги дава со пропишаните ознаки;
3) во просторијата во која се вршат услугите на видно место да ги истакнат цените на услугите за сместување, на пропишан и вообичаен начин, и да се придржуваат кон истакнатите цени;
4) да му издадат на гостинот сметка со назначен вид, количина и цена на дадените услуги (за секоја дадена услуга одделно), а при давање услуги за сместување да се наведе во сметката и износот на цената за престој;
5) да водат книга за евиденција на гостите и
6) на видно место во објектот да го истакне телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат.
При давање услуги на физичките лица можат да им помагаат членови на нивното домаќинство. Физичките лица и членовите на нивното домаќинство мораат да ги исполнуваат здравствените услови за работа во угостителството.
Угостителски услуги во селски домаќинства
Во селските домаќинства се даваат услуги на издавање на соби и апартмани, чиј сопственик или носител на правото на користење е член на селското домаќинство, и тоа најмногу до десет соби, односно 20 легла. Во селските домаќинства можат да се подготвуваат и послужуваат топли и ладни јадења, пијалаци и напивки главно од сопствено производство најмногу за 50 лица (излетници) истовремено.
Во селските домаќинства можат да се даваат услуги на дегустација на вино или ракија, како и служење на храна од домашно производство во уреден дел од станбен или деловен објект, во затворен, покриен со натстрешник или отворен простор, најмногу за 50 лица (излетници) истовремено. Заради подобрување на квалитетот на угостителската понуда, во селските домаќинства излетниците (лицата кои престојуваат во селските домаќинства) можат да подготвуваат јадења, пијалаци и напивки за свои потреби.
За услугите на физичките лица во угостителските објекти за сместување во рамките на селските домаќинства во руралните средини, по задолжителната категоризација се издава посебна ознака. Ознаката ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството.
За да може да се добие ознаката угостителските објекти за сместување во рамките на селските домаќинства во руралните средини треба да ги исполнат следниве критериуми:
1) извршена категоризација согласно со членот 47 од Законот за угостителска дејност со не изминат рок на важност;
2) при надворешното и внатрешното уредување на угостителскиот објект да се употребуваат природни материјали, како и мотиви од традиционалната култура, народни инструменти, носии, покуќнина – садови и слично и
3) топлите и ладни јадења, пијалаци и напитоци кои се послужуваат да бидат домашни и еколошки произведени.
Постапката за добивање на ознаката ја спроведува Комисија за спроведување на постапка за добивање на ознаката за рурални средини составена од три члена кои имаат заменици. Комисијата ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството и е составена од еден член на органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството, еден член од туристичките комори и еден член од угостителското стопан ство. Решението се издава со важ ност од три години.
За добивање на ознаката угостителот поднесува барање до давателот на ознаката. Со барањето се приложува:
1) документ за регистрирана дејност од регистарот на физички лица кои вршат угостителска дејност што се води во општината и
2) решение за извршена категоризација. Барањето од ставот 2 на овој член се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.
Органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството води Регистар за добивање на ознака за руралните средини.
Угостителски услуги на пловни објекти
Угостителите и физичките лица можат под услови утврдени со овој закон и други прописи да даваат услуги на исхрана и служење на пијалаци и напивки на пловни објекти. Услугите можат да се даваат доколку се исполнети условите од членот 6 на Законот за угостителска дејност. Физичките лица можат услугите да ги даваат најмногу за 20 гости истовремено. Услугите физичките лица не смеат да ги даваат во сидриште и пристаниште, како и кога пловниот објект кружи надвор од пристаништето и сидриштето, на лица кои не се наоѓаат на пловниот објект поради превоз.
Постапка за упис
Физичките лица кои согласно закон вршат угостителска дејност поднесуваат барање за упис во регистарот до градоначалникот на општината, а во градот Скопје до градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје.
Кон барањето се доставува:
– пријава до Државниот пазарен инспекторат за исполнети минимално – технички услови;
– доказ за сопственост доколку се работи за физички лица кои вршат угостителски услуги за сместување во куќи, апартмани и соби,
– доказ за сопственост, или доказ за правото на користење, доколку се работи за селски домаќинства во кои се даваат услуги на издавање соби и апартмани и
– доказ за платена административна такса во износ од 50 денари.
Барањето се поднесува на два идентични обрасци, со еден прилог на докази.
Градоначалникот на општината, а во градот Скопје градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје, во рок од осум дена, од денот на приемот на барањето, донесува решение за упис во регистарот.
Физичките лица, кои се регистрирани во регистарот во рок од 15 дена, од денот на престанување на вршење на дејноста за која се регистрирани, поднесуваат барање за престанок на важење на решението заупис во регистарот. Кон барањето се доставува:
– решение за упис во регистарот на физичките лица кои вршат угостителска дејност и
– доказ за платена административна такса во износ од 50 денари.
Градоначалникот на општината, а во градот Скопје градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје, врз основа на барањето, во рок од осум дена донесува решение за престанок на важење на решението за упис на физичкото лице од регистарот.
Статијата е објавена во првиот регионален Б2Б магазин за угостителство InBar
–ПРАВДИКО–