Фондот за пензиско не може без буџетот | Правдико

Правдико

   

Фондот за пензиско не може без буџетот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Дури 84,4 отсто од парите наменети за фондовите завршуваат на адреса на Фондот за пензиско осигурување, се вели во ревизорскиот извештај за 2014 година

E21F486207182E44ACBE6CF38315A41B

Фондот за пензиско осигурување е се’ повеќе зависен од буџетот, а растат трошоците за плати. Дел од буџетските корисници, пак, и покрај обврската, не доставувале планови за јавни набавки, за вработените и за трошењата. Државниот ревизор, по извршената ревизија на Основниот буџет за 2014 година, ги обелодени овие забелешки во извештај објавен неодамна.

Парите потребни за финансирање на стратешките приоритети треба да се предвидат со Фискалната стратегија, која треба да биде усвоена и донесена од Владата најдоцна до 31 мај во тековната година, но според ревизорот, овие законски рокови не се почитувани. „Министерството за финансии Предлог-фискалната стратегија за периодот 2014 – 2016 година до Владата ја има доставено со задоцнување од четири месеци“, посочува ревизијата.

Анализата покажала дека вкупните расходи во 2014 година биле пониски за 1,87 отсто во однос на планираните. Најголем дел од парите или 22,8 отсто завршиле како трансфери до фондовите, 18,9 отсто биле потрошени за плати и надоместоци, 13,4 отсто биле наменети за тековни трансфери до единиците на локалната самоуправа. Повеќе од 9 отсто од буџетот е потрошен за отплата на субвенции и трансфери и близу 10 отсто за капитални расходи. За исплата на главница на долгови и камати се одлеале околу 13 проценти.

Ревизорскиот извештај посочува дека државните фондови за здравствено осигурување, за пензиско осигурување и Агенцијата за вработување, се’ повеќе ја зголемуваат зависноста од буџетот. Дури 84,4 отсто од парите наменети за фондовите завршуваат на адреса на Фондот за пензиско осигурување. Во однос на 2013, лани вкупните буџетски трансфери до вонбуџетските фондови биле зголемени за 9,09 отсто, што главно било последица на зголемените пензии за 5 отсто. Раст на годишно ниво има и кај ставката за плати и надоместоци која била зголемена за 2,27 отсто. Лани се зголемиле и буџетските средства кои биле префрлени на име на локалната самоуправа за 2,28 проценти, што според ревизорот било резултат на зголемените приходи од ДДВ.

Голем пораст од 15,2 отсто има и кај расходите за субвенции и трансфери.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико