Фудбалска искра запали политички оган | Правдико

Правдико

   

Фудбалска искра запали политички оган

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Инцидентот и прекинот на натпреварот на стадионот на Партизан, каде што се појави летало со знаме на „голема Албанија“, го фрли во сенка доаѓањето на Владимир Путин во Србија

A0BC244F3D82D8408B64A5E73061601D

Србија и Албанија осамнаа на насловните страници во регионот по големиот инцидент на натпреварот во Белград меѓу фудбалските репрезентации на двете земји во квалификациите за Европското првенство 2016 во Франција. Прекинот во 42. минута од натпреварот, кога над теренот на стадионот на Партизан се појави летало со знаме на „голема Албанија“, го фрли во сенка доаѓањето на рускиот претседател Владимир Путин на денешната прослава на ослободувањето на Белград и најавената посета на албанскиот премиер Еди Рама на Србија на 22 октомври.

За миг зовреа страстите во двете земји, но и во опкружувањето, вклучувајќи ја и Македонија, чиј западен дел се најде на знамето со мапата што ги опфаќа и Албанија, Косово, дел од Црна Гора, Санџак, југот на Србија до Ниш и дел од Грција. На знамето покрај мапата се најдоа и ликовите на првиот албански премиер Исмаил Ќемали и на револуционерот Иса Болетини, кои во 1912 година први го развиориле албанското знаме.

Поради поврзаност со инцидентот во ВИП-ложата е уапсен Олси Рама, брат на албанскиот премиер Еди Рама, под сомнение дека управувал со леталото по чие појавување работите излегоа од контрола. Српските и албанските медиуми објавија дека тој подоцна бил пуштен на слобода и заедно со албанската делегација се вратил во Тирана, каде што негирал каква било вмешаност во случајот, тврдејќи дека не бил ниту уапсен.

Знамето закачено на конец за мини-хеликоптерот се виореше над главите на актерите на дуелот до моментот кога српскиот репрезентативец Стефан Митровиќ го дофати конецот и го симна. До него веднаш дотрчаа неколкумина од албанскиот состав и се обидоа да му го одземат. Во натегањето се вмешаа и другите фудбалери од двата тима, а на теренот втрчаа и неколку навивачи. Настана општа мешаница, па главниот судија Мартин Еткинсон од Англија го прекина мечот и ги повика играчите од двете репрезентации да се упатат во соблекувалните.

Прекинот траеше речиси еден час, по што е донесена одлука натпреварот да не се доигра. Српските фудбалери излегоа уште еднаш за да им отпоздрават на своите навивачи, а албанските останаа во соблекувалната.

Бранислав Ивановиќ, капитенот на српската репрезентација не сакаше да ги коментира деталите за инцидентот, но вели дека во разговор со судијата и претставниците од УЕФА било договорено натпреварот да продолжи.

„Бевме спремни да го доиграме натпреварот. Сепак, Албанците изјавија дека ниту физички, ниту психички не се подготвени да продолжат. Ние сакаме да играме фудбал, а за се’ друго има одговорни кои ќе донесат одлука. За време на инцидентот бевме со играчите на Албанија“, истакна Ивановиќ.

„Жалиме поради ситуацијата, околностите беа такви што натпреварот не можеше да продолжи“, изјави делегатот на средбата Хари Бин од Холандија. „Не можам да зборувам кој почна, кој е виновен. Тоа ќе го решат надлежните тела на УЕФА. По видената ситуација судијата, јас и супервизорот ќе испратиме извештај до УЕФА“.

Албанските репрезентативци се вратија во Тирана околу 3,30 часот, а фудбалерите беа пречекани како херои од неколку илјади навивачи. Играчите ги пречекаа и вицепремиерот Нико Пеши и министерката за спорт, Линдита Николас.

„Ова се нашите херои, мораме да бидеме горди на нив“, порача албанскиот премиер Еди Рама, кој во моментов престојува во официјална посета на САД.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико