ФЗО: Електронски потврди за крводарители | Правдико

Правдико

   

ФЗО: Електронски потврди за крводарители

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

fzoЕлектронски потврди за крводарители е проект на Влада на Република Македонија кој Фондот за здравствено осигурување на Македонија го реализира за да обезбеди олеснувања на осигурениците – крводарители кои во својот живот дарувале крв најмалку 10 пати, со што се стекнале со статус на крводарител и со тоа, согласно програма на Влада имаат право на ослободување од плаќање на партиципација за користење на здравствени услуги. Досега, осигурениците по дарувањето на крв, со потврдите од Институтот за трансфузиологија мораа да дојдат во подрачните служби на Фондот и да добијат хартиена потврда за ослободување од плаќање на партиципација.

Потоа, требаа со себе да ја носат хартиената потврда која ја приложуваа како доказ кон секоја пресметка за здравствени услуги. Целта на овој проект е воведување на нов електронски систем кој предвидува создавање на база, односно регистер на крводарители во Република Македонија. За таа цел, Фондот воспостави соработка со Институтот за трансфузиона медицина, која според постоечките законски акти е надлежна институција за прибирање на податоци за дарителите на крв.

Сакаме со задоволство да ја информираме јавност дека од денес сите здравствени установи преку порталот на Фондот, ќе можат да видат дали осигуреното лице е крводарител. Оваа новина која денес ја презентираме значи олеснување за осигурениците и е кратење на бирократските процедури. Дополнително, значи и заштеда на време и нема веќе чекање по шалтери. Во моментов се регистрирани над 30.000 осигуреници-крводарители кои веќе нема потреба да доаѓаат во подрачната служба за хартиена потврда. Но ова е динамичен процес и секој нов осигуреник крводарител кој дарувал крв над 10 пати автоматски ќе биде внесен во регистарот.

Реализацијата на самиот проект се одвиваше во неколку фази и траеше шест месеци. Првата фаза опфаќаше дефинирање на проектниот план за динамиката на реализација, односно дефинирани беа временските рамки за подготвителните активности, втората фаза опфати оперативни и организациски мерки, односно, внес на податоците за крводарителите од страна на центрите на Институтот за трансфузиона медицина. Трета фаза опфати регулирање на правните аспекти за реализација на проектот и проверка на функционалноста на апликациското решение, односно регистарот. Проектот започна со потпишување на Меморандум за соработка со Институтот за трансфузиона медицина за размена на податоци за крводарители, за ослободување од плаќање на партиципација за користење на сите видови здравствени услуги на примарно и секундарно ниво на здравствена заштита, освен за партиципација кај матични стоматолози на примарно ниво, лекови на рецепт и лекување во странство.

Финалната фаза на реализацијата е електронска потврда за крводарител, која овозможува евидентирање и преглед на сите лица крводарители кои се стекнале со право на ослободување од плаќање на партиципација. Овој регистар претставува база на податоци која е достапна на сите здравствени работници во здравствените установи кои имаат склучено договор со Фондот и имаат пристап на порталот на Фондот. Значи накусо кажано, овластено лице од Институтот за трансфузиона медицина, кое претходно е евидентирано во системот на ФЗОМ и има добиено привилегија за пристап до Регистарот, прави внес на лица кои тој ден се стекнале со право за ослободување од плаќање на партиципација, односно, дарувале крв по десетти пат.

Вака внесените податоци се верификуваат со дигиталниот сертификат од електронската здравствена картичка на овластеното лице и стануваат достапни во реално време, на профилот на осигуреното лице, како и на профилот на матичниот лекар. Сметаме дека со овој проект се прави уште еден чекор напред во поедноставување на постапката за остварување на право на осигурениците. Тоа значи точност на податоци, односно сведување на минимум можни грешки и злоупотреби, реални податоци кои се база правење на сеопфатни анализи кои се основа на добрите здравствени политики.

Препорачуваме

Партнери на Правдико