Гаранција за исправноста на продадениот предмет кај договорите за купопродажба
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Гаранцијата за исправното функционирање на продадениот предмет преставува еден вид заштита на купувачот поради неисправно функционирање на стварта или други материјални недостатоци во договорите за купопродажба. Со гаранцијата продавачот и произведителот гарантираат и воедно одговараат за можен материјален недостаток на стварта. Услов за да настане оваа одговорност е продавачот да му предаде на купувачот гарантен лист со кој произведителот гарантира за правилното функционирање на предметот во определен временски период, сметајќи го од предавањето на предметот.
Кога продавачот му предал на купувачот гарантен лист со кој производителот го гарантира исправното функционирање на предметот во текот на определено време, сметајќи од неговото предавање на купувачот, купувачот може, ако предметот не функционира исправно, да бара како од продавачот така и од производителот да го поправи предметот во разумен рок, кој не може да биде подолг од 45 дена, или ако тоа не го стори наместо него да му предаде предмет кој функционира исправно.
Во гаранцијата мораат да бидат наведени правата кои на купувачот му припаѓаат како и јасно наведено дека гаранцијата за исправно функционирање на предметот не влијае на правата на купувачот по други основи. Исто така гаранцијата мора да ги содржи поединостите кои му се потребни на купувачот за остварување на неговите права, а посебно гарантниот лист и територијата за кои гаранцијата важи, како и името односно називот на лицето кое гаранцијата ја издало.
Траењето на гарантниот рок страните го определуваат спогодбено, но овој рок не може да биде пократок од една година. Ништовна е одредбата на договорот со која се определува гарантен рок пократок од една година.
Купувачот може поради неисправното функционирање да бара од продавачот, односно од производителот или лицето определено од нивна страна поправка или замена на предметот во текот на гарантниот рок, без оглед на тоа кога се појавил недостатокот во функционирањето . Тој има право на надоместо на штетата што ја претрпел поради тоа што бил лишен од употребата на предметот од моментот на барањето поправка или замена до нивното извршување.
Барањето за поправка на купувачот мора да биде сторено во рокот определен со гарантниот лист, со што доколку барањето е поставено пред истекот на рокот, поправката може да се изврши и после истекот на гарантниот рок. Доколку поправката не може да се изврши може да се бара замена на предметот. Продавачот, односно производителот е должен на своја сметка да го пренесе предметот до местото каде што треба да се поправи односно да се замени, како и поправениот, односно заменетиот предмет да му го врати назад на купувачот
Продолжување на гарантниот рок
Во случај на помала поправка, гарантниот рок се продолжува онолку колку што купувачот бил лишен од употребата на предметот. Меѓутоа, кога поради неисправното функционирање е извршена замена на предметот, или негова суштествена поправка, гарантиот рок почнува повторно да тече од замената, односно од враќањето на поправениот предмет. Ако е заменет или суштествено поправен само некој дел од предметот, гарантиот рок почнува повторно да тече само за тој дел.
Ако продавачот не изврши во разумен рок, кој не може да биде подолг од 45 дена, поправка или замена на предметот, купувачот може :
– да го раскине договорот
– да ја намали цената и
– да бара надомест на штетата.
Доколку купувачот се одлучил за раскинување на договорот тогаш тој е должен да го извести продавачот.
Правата на купувачот спрема производителот врз основа на гарантиот лист се гаснат по истекот на една година, сметајќи од денот кога барал од него поправка или замена на предметот. Ова е во смисла дека правата се губат ако купувачот во тој рок од една година не поднесе тужба до судот со барање за остварување на едно од правата
–ПРАВДИКО–