Газдите и хонорарците кројат стратегија за да ги избегнат придонесите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Хонорарците и работодавачите секојдневно откриваат нови трикови како може да се избегне плаќањето на придонесите за пензиско и за здравствено осигурување што ќе биде задолжително по Нова година за договорното работење, па дури и ако работникот веќе е во работен однос. Откако работодавачите отворено порачаа дека немаат пари за дополнителни трошоци, односно дека во најголем дел новото законско решение ќе значи помали хонорари, хонорарците смислија едно оригинално решение па велат дека сега нивната работа ќе ја префрлат на своите баби и дедовци.
– Јас за лекторирање на една страница земам по 30 денари, е помалку од тоа не можам да прифатам, па уште и да изигравам сметководител и да одам да уплаќам придонеси. Ако сака работодавачот да склучи договор со некој од моето семејство што е пензионер, добро. За пензионерите не се плаќаат придонеси, па еве моите пари нека легнат на сметка на некој пензионер од моето семејство – вели една лекторка од Скопје.
Друга опција што ја смислија хонорарците е да ги поделат своите хонорари со некој свој близок, но секако само на хартија. Како што е познато, придонесите ќе се плаќаат само за износ над минималната плата, и тоа ако хонорарот е земен од кај еден работодавач, или од повеќе работодавачи во помал износ, но ако вкупната сума е поголема од минималната плата. Во практика ова би значело дека два помали хонорара под минималната плата префрлени на две имиња, нема да подлежат на плаќање придонеси.
Секако, овие опции значат изигрување на законот и веројатно инспекторите ќе имаат полни раце работа за да ги откријат и да ги докажат измамите. Во меѓувреме се скроија и измени во Законот за работните односи, кои треба да влезат во владина процедура. Сите инспекциски служби во земјава, независно дали се од Трудовата инспекција, МВР, дали се шумарски инспектори или инспектори за животна средина, ќе можат да ги ловат непријавените работници, а казните за фирмите се и до 11.000 евра.
„Имајќи предвид дека со Законот за инспекциски надзор, освен другото, се врши координацијата на инспекциските служби, како и потребата од навремено и ефикасно уредување на состојбата со непријавени работници, се предлага при вршењето надзор на другите инспекциски органи да се вклучи и утврдувањето непријавени работници кај правните лица. Односно, контролата на пријавувањето во задолжително социјално осигурување да го водат повеќе инспекциски органи во случај на затекнување непријавен работник, истовремено при вршење на надзорот од својата надлежност“, стои во образложението на предложените измени.
Работодавачите, пак, се убедени дека нема од што да стравуваат ако за некој се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, независно што тој не е во работен однос. Тие велат дека државата сакајќи да го стимулира вработувањето, може да го стимулира отпуштањето работници и нивно претворање во хонорарци со платени придонеси.
Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков, веќе изјави дека со новите законски измени за плаќање придонеси, многу луѓе ќе станат дел од сивата економија.
– Последиците од законот може да доведат до нерегуларно, нерегистрирано и работење на сиво. Оние што работат со скратено работно време, има можност да бидат отпуштени и да почнат да работат хонорарно, во нивото до 8.800 денари. Но тогаш ги немаат бенефитите што ги овозможува општиот колективен договор, договорот за работен однос итн. Тие луѓе ќе останат во сивата зона – смета Бошков.
И професорот по трудово право Здравко Савески очекува дека вработените ќе станат хонорарци. Тој на дебатата за прекарна работа во медиумите објасни дека на работодавачите многу повеќе им одговара да имаат озаконети хонорарци затоа што во тој случај не мора да се почитуваат работничките права наведени во Законот за работни односи, не мора да се исплатува К-15, не мора да се плаќа хонорар за време на боледување и не мора да даваат платен одмор.
Извор: Слободен Печат