Германија бара “европски кодекс за азил”
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Бегалската криза се влошува низ цела Европа и бара брз одговор од европските институции.
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд утре се среќаваат во Брисел за да ја поведат бегалската агенда кон решение. Што секако нема да биде лесна задача. Особено откако на почетокот на ова лето, земјите членки на ЕУ не успеаа да се согласат дури ни за прием и сместување на 60.000 бегалци пишува НОВАТВ.
Како што во интервју пред неколку дена најави Меркел, бегалската криза ќе биде главниот и најголем проблем на ЕУ во наредните месеци. Меркел рече дека бегалската криза ќе биде поважна од грчката.
Менаџирањето на оваа криза “е најголемиот предизвик со кој се соочила Германија од реунификацијата”, изјави денес Сигмар Габриел, вице-канцелар на Германија. Тој исто така ги критикуваше европските земји за пасивност.
“Реакцијата кон бегалците која досега ја видовме не е на висината која Европа треба да ја има за самата себе си”, напиша тој во заедничка колумна со министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајмајер за весникот Франкфуртер Алгемајне Зонтагцајтунг.
Освен оваа иницијатива, Германија со помош на Франција, се залага за “европски кодекс за азил” кој ќе гарантира ист азилантски статус во сите земји на ЕУ и нова интегрирана политика за азилот која треба да биде амбициозна.
Берлин и Париз веќе заеднички работат на “иницијативата за европска миграциона политика” а кон средината на октомври во Париз ќе се одржи средба на оваа тема. Но, засега не е најавено присуство на сите 28 министри за внатрешни и надворешни работи на ЕУ туку само на некои од нив.
Според дипломатски извори, овој состанок ќе биде подготовка за самитот посветен на бегалците во ноември на Малта. Потоа состанок на оваа тема е предвиден во Берлин.
Веќе оваа недела, на 27 август, во Виена ќе се одржи висока средба помеѓу ЕУ и балканските земја на која една од темите ќе биде токму бегалската криза. ЕУ е свесна за напорите што го прави Балканот да им овозможи на бегалците да минат низ овој регион на патот кон ЕУ и најавува хуманитарна помош.
Германија не е задоволна од начинот на кој се менаџира кризата со бегалците во Европа. Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мезиер изјави дека е неприфатлив фактот што европските институции работат толку бавно околу едно толку важно прашање. Тој додаде дека Берлин и Париз се согласиле дека Италија и Грција, врз кои паѓа најголемиот товар на бегалската криза, мора да им се даде значителна европска помош за да можат да направат “чекални” за новите бегалци кои ќе пристигнуваат. Според министерот, ова финансиски скапо ќе ја чини ЕУ но на Италија и Грција мора да им се помогне.
Берлин и Париз не забораваат дека голем терет паѓа и врз слабите плеќи на соседните земји како Македонија и се залагаат за помош на земјите од Балканот и на Турција.
Помош ќе им треба и на земјите кои се блиски до кризните подрачја бидејќи токму во тие земји треба да се почне акција за борба против шверцерите на бегалци кои од несреќата на луѓето направија бизнис. Но, ЕУ ќе треба исто така да ги решава и причините кои доведоа во ваква масовна миграција.
Германската влада очекува дека оваа година во земјата ќе стасаат 800.000 бегалци. Според министерот за внатрешни работи, Германија прима и прифаќа 40 проценти од сите бегалци кои пристигнуваат на европска територија.
Извор: NOVATV.mk