Германските власти ќе ги одбиваат азилантите за 10 минути | Правдико

Правдико

   

Германските власти ќе ги одбиваат азилантите за 10 минути

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Азилантите кои во Германија доаѓаат од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина во иднина забрзано ќе бидат одбивани. Одлуката предизвика критики од организациите за човекови права.

germ

Германската влада в среда (30.04) ќе го усвои предлог законот на министерот за внатрешни работи Томас де Мезие со кој земјите како Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе бидат прогласени за „сигурни“ во однос на барањата за азил. Причина за одлуката е големиот пораст на барањата за азил од овие три земји последниве години, особено по воведувањето на визната либерализација со земјите од ЕУ. Од 700 барања во 2009. година кога беа воведени визните олеснувања, бројот на луѓе од овие земји кои побарале статус на азилант во Германија пораснал на 20 илјади во 2013. година.

„Со законот, Србија, Македонија и БиХ ќе бидат класификувани како сигурни земји“, соопшти министерот Де Мезие. Министерот, кој доаѓа од демохристијанската ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, планирал во списокот да ги вклучи и Црна Гора и Албанија, но по жестоките реакции од коалицискиот партнер СПД, се откажал од идејата. Но, дискусијата на таа тема ќе продолжи, вели министерот. Успехот на СПД да го спречи натамошното ширење на листата на земји кои ќе се сметаат за сигурни се должи на фактот што само трите земји кои Де Мезие ги смести во предлог законот се споменуваат во коалицискиот договор меѓу двете партии.

Од германската организација Про Азил ја критикуваат одлуката на Де Мезие како „крајно неадекватна“. Оттаму велат дека владата не ја зема предвид тешката социјална состојба во која се наоѓаат Ромите од регионот. Германската влада на критиките одговара со тврдење дека „е свесна за можната дискриминација и социјалните проблеми, но такво нешто нема при одлучувањето за доделувањето азил“.
Со претходните законски измени, германската влада веќе го скрати рокот за решавање по барањата за азил на една недела за барателите од споменатите земји. Со најновите измени, во пракса тој рок може да се скуси и на само 10 минути.

Од германскиот Институт за човекови права исто така го критикуваат новото законско решение. Раководителката на одделот за човекови права, Петра Фолмар-Ото вели дека секој бегалец мора да добие индивидуално сослушување. „Преку овој метод кој го најавува владата ќе биде многу тешко успешно да се докаже дека на некое лице навистина му е потребен азил“, вели таа.

Извор: DW

Препорачуваме

Партнери на Правдико