Главни промени кои се предлагаат со прогресивниот данок | Правдико

Правдико

   

Главни промени кои се предлагаат со прогресивниот данок

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со воведувањето на праведен, прогресивен данок во Македонија ќе се обезбедат дополнителни средства за воведување на минимален гарантиран приход. Со ова, како што објаснуваат од Министерството за финансии, најдоходовните граѓани ќе им помогнат на ранливите категории на граѓани.

Главни промени кои се предлагаат

Со цел да се адресира постоечката регресивност кај данокот на доход, како и да се обезбедат дополнителни буџетски средства за обезбедување квалитетни јавни услуги, се предлагаат следните промени:

1. Поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал. Ваква поделба има во повеќето земји од регионот (Хрватска, Словенија, Албанија, Србија).

2. За доходот од труд (плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност), се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18% за даночната основа која надминува 1.080.000 денари годишно, односно 90.000 денари месечно. Конкретно, за даночна основа (т.е. бруто-доход, минус социјални придонеси, минус даночно намалување) до 90.000 денари месечно, даночната стапка останува 10%. Тоа значи дека за најголем дел од населението номиналната даночна стапка останува иста. Стапката од 18% ќе важи само за износот над тоа. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10%, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18%.

3. Зголемување на даночното намалување кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок, на 8000 денари. Со тоа се влијае на намалување на ефективната даночна стапка за лицата што остваруваат доход од плати.

4. Оданочување на доходот од капитал (закуп и подзакуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа) и другиот доход со единствена стапка од 15%. Поради нередовноста на овој доход, во пракса е поедноставно тој да се оданочува со единствена стапка отколку со прогресивни стапки. Ваква е практиката и во земјите од регионот (Хрватска, Словенија, Албанија, Србија). Поради тоа што овој доход во најголема мера завршува кај најдоходовните сегменти од популацијата, со цел да се обезбеди поправедна дистрибуција на доходот, избрана е стапка која е повисока од основната стапка на данокот на доход од труд.

5. Оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити, како што е во скоро сите европски земји, со стапка од 15%, со одложена примена од 2020 година. На доход од камати до 250 евра годишно, нема да се плаќа данок.

6. Намалување на нормираните трошоци кај различните видови доход, односно нивно сведување на слично ниво како во земјите во регионот како што е прикажано во табелата:

Прагот за повисоката стапка од 90.000 денари месечно е приближно еднаков на прагот за најдоходовните 1% од популацијата. Споредбата е направена преку соодносот помеѓу прагот за повисоката стапка, односно доходот до кој важи најниската даночна стапка, и просечниот БДП по глава на жител, како своевидна мерка за просечниот доход во земјата. Прагот од 90.000 денари (1463 евра) месечно во Македонија е 3,7 пати повисок од просечниот месечен БДП по жител, и е највисок во Источна Европа.

Ако прагот се спореди со платите во државата, може да се забележи дека само 1% од вработените во Македонија имаат нето-плата што е повисока од прагот од 90.000 денари.

Практична примена на прогресивниот данок

Плаќањето на прогресивниот данок ќе се врши при исплатата на доходот од страна на исплатувачот. Конкретно, доколку даночната основа на поединечна исплата по некој од основите кој се даночи со  прогресивни стапки го надминува прагот од 90.000 денари, за делот над 90.000 ќе се плати данок по повисоката стапка од 18% уште во моментот на исплатата. На пример, доколку се исплаќа надоместок по основ на договор за дело од 100.000 денари, исплатувачот ќе треба да плати вкупен данок од 10.800 денари (10%, односно 9.000 за делот што е до 90.000, и 18%, односно 1.800 за делот што е над 90.000).

На крајот на годината, со годишната даночна пријава ќе се врши пребивање помеѓу вкупниот доход што го остварило едно лице и вкупниот данок што бил платен, и доколку постои разлика помеѓу платениот данок и данокот што треба да се плати за остварениот доход, на лицето ќе му се врати повеќе платениот данок, или пак лицето ќе треба да доплати. На пример, доколку на лицето од горниот пример тие 100.000 денари му се единствениот доход во годината, на него ќе му бидат вратени 800 денари, затоа што 100.000 денари на годишно ниво е под годишниот праг од 1.080.000 денари за повисоката стапка од 18%, односно, за годишен доход од 100.000 денари, стапката е 10%.

За да можат граѓаните навремено и прецизно да следат колку доход имаат остварено во текот на годината, колку данок имаат платено, колку данок треба да доплатат или да им се врати, а со тоа и соодветно да си планираат, ќе се изработи онлајн сервис преку кој граѓаните во кое било време ќе можат да ги добијат сите овие информации, и преку кој ќе можат предвреме да доплатат даночен долг.

Макроекономски ефекти

Придобивките од предложената реформа би биле повеќекратни. Како прво, се очекува да се намалат социјалните разлики, со што ќе се подобрат општествената кохезија и довербата помеѓу луѓето, односно она што економистите денес го нарекуваат општествен капитал. Понатаму, ќе се изврши редистрибуција од оние што заработуваат повеќе, кон оние што заработуваат помалку. Поради тоа што оние што заработуваат повеќе имаат помала склоност кон потрошувачка, со ова ќе се зголеми вкупната потрошувачка во општеството, со што пак ќе се влијае позитивно врз економската активност.

Дополнително, ќе се обезбедат повеќе средства за државниот буџет. Дел од овие средства ќе се искористат за воведување минимален гарантиран приход, а остатокот за подобрување на здравството, образованието и другите јавни услуги. Преку сето тоа, ќе се подобри квалитетот на живот, што ќе придонесе и за забавување на трендот на иселување од земјата. Повисоките буџетски приходи ќе значат и понизок дефицит, а со тоа и забавување на темпото на раст на јавниот долг. Со тоа ќе се намалат и каматните стапки на задолжувањето, а воедно и средствата што се издвојуваат од Буџетот за сервисирање на долгот. Заради сите гореспоменати причини, се очекува да се зголеми стапката на економски раст.

Целосниот текст на предлог законот можете да го погледнете ТУКА

Извор: Mинистерство за финансии

Препорачуваме

Партнери на Правдико