Годишен извештај од Регистарот на цени и закупнини на АКН
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во првите три квартали од 2016 година, во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 19.798 трансакции со недвижности, од кои 56 % се однесуваат на продажби, 33 % на закупи, 8 % на продажби од инвеститор и 3 % на откупи од Република Македонија.
Само во третиот квартал од 2016 година во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 5.954 трансакции што претставува пораст во однос на вториот квартал за 34 трансакции. Доколку се направи споредба со истиот квартал минатата година кога беа регистрирани 3.813 трансакции, оваа година се забележува пораст на трансакциите за 36 %. Најголем број трансакции во овој квартал се забележани во септември, и тоа 2.174 трансакции, додека најмал број трансакции се регистрирани во јули само 1.801.
Што се однесува до продадените новоградби, во овој квартал се регистрирани 646 продажби што претставува зголемување за 147 продажби во однос на вториот квартал од 2016 година кога беа регистрирани 499 продажби на новоградби. Во овој квартал, согласно со податоците од базата на катастарот на недвижности има 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 8.332 стана на целата територија на Република Македонија. Во вториот квартал од 2016 година се регистрирани 2.842 непродадени станови кои се нудеа на пазарот на недвижности и 7.969 станови кои се во тек на градба. Доколку се споредат овие два квартала, може да се забележи намалување на непродадените станови, и тоа за 35 станови и пораст на становите кои се во градба, односно 363 станови кои треба да бидат понудени на пазарот на недвижности.
Доколку се разгледаат цените на становите по општини, се забележува дека тие се стабилни и се во одредено ниво на флуктација од 3.000 денари помеѓу различни квартали, иако има и мал број општини каде што овие разлики се повисоки и каде што се утврдуваат некои надолни трендови на цените на становите.
Така, цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар во третиот квартал од 2015 година изнесувала 58.143 денари, додека во овој квартал изнесува 55.173 денари што претставува пад на цените на станбениот простор во оваа општина за 2.970 денари. За разлика од општина Центар, во општина Аеродром има пораст на цената на становите, односно во третиот квартал од 2015 година цената на еден метар квадратен станбен простор изнесувала 49.627 денари, додека во третиот квартал од 2016 година изнесувала 55.462 денари што претставува пораст на цената за околу 5.835 денари. Во општина Карпош има намалување на цената на становите од 2.645 денари во третиот квартал од оваа година во споредба со истиот квартал минатата година.
Што се однесува до општините надвор од Скопје, стабилна цена на станбениот простор има во општина Струмица каде што во третиот квартал од 2015 година е регистрирана цена од 30.603 денари, а за истиот период оваа година е регистрирана просечна цена од 31.320 денари. Во општина Битола е забележан голем пад на цените на станбениот простор и во третиот квартал од 2015 година просечната цена на метар квадратен изнесувала 31.713 денари, а во третиот квартал од 2016 година цената изнесувала 23.402 денари што претставува пад од 8.311 денари.
Што се однесува до цените на закупнините на месечно ниво, кај одредени општини се забележува тренд на благо опаѓање на цените, додека кај други пораст на цените на закупнините на станбениот простор. Така, во општина Карпош за закуп на метар квадратен станбен простор во третиот квартал од 2015 година се плаќало 227 денари, а во третиот квартал оваа година изнесува 320 денари што претставува пораст од 93 денари. Во општина Центар има стабилна цена на метар квадратен станбен простор за закуп, па така во третиот квартал од 2015 се бележи цена од 294 денари, а во третиот квартал од 2016 година цената изнесува 254 денари. Стабилни закупнини се забележуваат во општина Аеродром каде што споредбената анализа на третиот квартал од 2015 година со третиот квартал од 2016 година покажува дека цената е скоро идентична и се движи околу 175 денари за закупнина на метар квадратен станбен простор. Во општина Куманово има благ пад на цената на закупнината на становите за 20 денари по метар, па така минатата година во третиот квартал просечната цена изнесувала 134 денари, додека оваа година во третиот квартал таа изнесува 112 денари.
Кај пазарот на хипотеки што е составен дел од извештајот на Регистарот на цени и закупнини, се забележува пад на бројот на станови кои се наоѓаат под хипотека од 0,44 %. На ниво на Република Македонија, од вкупниот број регистрирани станови, 9,28 % се наоѓаат под хипотека.
Можеме да заклучиме дека има стабилизирање на активностите на пазарот на недвижности по зголемувањето на активностите кои ги регистриравме во првиот квартал на 2016 година и падот од околу 2000 трансакции во вториот квартал. Исто така, можеме да заклучиме дека бројот на новоградби и станови кои се во тек на градба, односно понудата на станови на пазарот ја задоволуваат побарувачката на станови, и во моментов има доволна залиха на новоизградени станови доколку се зголеми побарувачката. Што се однесува до цените на пазарот на недвижности, тие се стабилни со благ пад во некои општини како реакција на презаситеноста на пазарот на новоизградени станови. Доколку условите на пазарот останат исти подолг временски период, Агенцијата за катастар на недвижности очекува благ пад на цените на недвижностите, пред сѐ поради зголемената градежна активност и значително намалената побарувачка на станови.
Агенцијата за катастар на недвижности ја информира јавноста дека забрзано се работи на воспоставување на системот за масовна проценка на недвижностите. Во таа насока се дефинирани и следните чекори кои Агенцијата ќе ги преземе во текот на 2017 година, со цел да се изврши системска проценка на сите недвижности на територијата на Република Македонија и секоја недвижност да ја добие својата пазарна вредност.
Агенцијата за катастар на недвижности во февруари ќе спроведе теренско собирање на податоците за недвижностите потребни за системот за масовна проценка за 4 пилот-општини.
Во април ќе биде извршена надградба на системот е-кат преку кој ќе се овозможи автоматско внесување на изјавите со дополнителните податоци за недвижностите во базата на Регистарот на цени и закупнини.
Агенцијата за катастар на недвижности во јуни ќе работи на софтвер за статистики со кои ќе се овозможат точни и ажурни податоци за трансакциите со недвижности, како и широка лепеза на статистики кои ги користат банките, проценителите, агенциите за недвижности и голем број државни институции.
Во декември, Агенцијата за катастар на недвижности по воспоставувањето на вредните зони ќе воспостави софтвер за моделирање, односно софтвер кој преку податоците од катастарот на недвижности и базата на Регистарот на цени и закупнини, со одредени дополнителни параметри треба да изврши вреднување на недвижностите.
Во текот на 2018 година ќе се изврши масовна проценка на недвижностите за 4 пилот-општини.