Говорот на омраза засилен по изборите | Правдико

Правдико

   

Говорот на омраза засилен по изборите

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Наместо да донесе смирување по двегодишната политичка криза и намалување на анимозитетот и на поделбите во општеството, периодот по изборите се претвори во натпревар во говор на омраза и во повици на линч на јавни личности. Изборните резултати, иако сѐ уште не се конечни (се чекаат одлуките на Управниот суд), јасно е дека не ѝ донесоа сигурна и убедлива победа на ниту една страна. Тесната разлика и различните опции што таа ги отвора во врска со формирањето влада (кои барем теоретски се можни, иако засега нема никакви најави што би се остварила), според познавачите на политичките состојби, уште повеќе ја засилуваат тензичната атмосфера по 11 декември.

21122016090417_web_protest_2_protiv_abolicija_ivanov_d_andonovski_-16

Меѓу „репертоарот“ од негативен говор или негативно изразување што можеше да се види досега, најистакнати примери беа повикувањето на ликови од историјата како Ќосето да го решат проблемот со неистомислениците, кој беше повторен од повеќемина, носење надгробен крст со име на политичар, најава на погреб на политичар, повик за убиство на друг политичар, „посмртни“ фотографии од десетина странски амбасадори итн. Остри и заканувачки пораки со говор на омраза доаѓаа од државни функционери, политички лидери, новинари, па до анонимни извори меѓу интернет-корисниците.
Овие постапки може да се сметаат за казниви според повеќе делови од Кривичниот законик, како на пример со членот 144, каде што се регулира загрозувањето на нечија сигурност со сериозна закана, и за што се предвидува парична казна или затвор до шест месеци, но постапка се поведува само по приватна тужба. Во оние случаи каде што станува збор за закани поттикнати од различните политички убедувања, пак, (а повеќето случувања во изминативе десетина дена се однесуваа токму на такви примери) се смета дека може да се примени и членот 137, кој ја регулира повредата на рамноправноста на граѓаните.

Што презема Јавното обвинителство како најповикана институција во врска со овие случувања? Оттаму одговараат дека внимателно следат што се случува.
– Ги следиме сите настани и секаде каде што ќе се оцени дека има основа да се поведе кривична постапка, ќе се стори тоа – одговорија од обвинителството.
Во својата последна колумна на блогот Рес публика, Ненад Живановски, експерт во врска со говорот на омраза, порачува дека случаите како овие не треба да останат несанкционирани и не треба да се сфаќаат наивно, дури и кога не се искажани како директни закани.
– Говорот на омраза не претставува само експлицитно изречена омраза, туку тој може да биде и во прикриена форма, со употреба на метафори и симболизми. Независно од начинот на кој тој јавно се манифестира, неговата законска санкција мора да биде облигаторна – вели Живановски.

Тој додава дека многу често во политичкиот дискурс се сретнуваме со двосмислени искази, фигуративни описи, предимензионираност на стварноста или затскриени пораки, кои само се насетуваат или имплицитно се кажани. Исто така и говорот на омраза не мора секогаш експлицитно да биде изговорен, туку може да биде реализиран и преку некоја стилска фигура или неа да ја содржи како составен ентитет на неговата структура, но и воопшто да не биде вербално материјализиран, туку да се претстави преку предмет, на кој му се дава преносно или симболичко значење, различно од основното.
– Кога станува збор за политичкиот дискурс, особено е тешко да се идентификува говор на омраза што е изречен со метафоричен јазик. За разлика од јасниот, експлицитен и директен говор, пораката со омраза што е метафорично упатена, тешка е да се декодира, бидејќи може да се толкува на различен начин (метафората е полисемантична), а не е исклучено и да биде прифатена како позитивна – додава Живановски.

Според него, вонјазичниот аспект на метафората и нејзиниот лингвистички механизам укажуваат на условеноста и субјективната обоеност на метафоричната порака од лицето што ја искажува. Така, различни луѓе на различен начин ќе доживеат и ќе изразат една иста појава, при што ќе го изразат својот посебен индивидуален став, емотивна состојба, својот интелект, афинитет и друго.

Според објаснувањето на Живановски, заканите упатени на овој начин кон политички лидери не може да се сфатат како закани кон приватни лица, туку може да се толкуваат како да се упатени кон сите што тие лидери ги претставуваат. Затоа во нив одредени индивидуалци од една политичка организација би можеле да најдат оправдување за насилство врз припадници на конкурентската организација.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико