Граѓаните гневни и збунети од новиот данок
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Најавата за воведување на данокот за недвижности, а потоа и изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за негово одложување, поради слабата информираност на граѓаните, предизвика уште поголеми реакции кај граѓаните, кои остро негодуваа на повисоките даночни зафаќања. По настапот на Пленковиќ, обврзниците што веќе ги добиле новите даночни формулари, се збунети со новонастанатата состојба и не знаат дали треба да ги пополнуваат документите и јавно прашуваат дали би биле казнети ако не го сторат тоа во наведениот период, пишува сајтот Портал.
Во Запрешиќ, чии граѓани први ги добиле даночните пријави, не знаат дали треба да го испочитуваат законскиот рок за достава на прашалниците, кој истекува на 31 август годинава. Градоначалникот Жељко Турк, кој е од редовите на владејачката ХДЗ, вели дека неговата администрација работи на средување на податоците за недвижностите на граѓаните, без разлика на тоа дали ќе биде одложена примената на новиот закон.
– Рокот за пополнување на анкетните прашалници е до 31 август, но никој нема да сноси последици ако тоа не биде направено, посебно ако се одложи примената на законот. Во случај да нема одложување, како локална самоуправа сме обврзани до крајот на годината да ги донесеме потребните документи во градското собрание – вели Турк.
Тој упатува совет до граѓаните да ги пополнат прашалниците и навремено да ги достават, затоа што тоа би било добра основа за средување на податоците за наплата на комуналната такса.
– И јас сум против нови оданочувања. Но овој данок ги заменува досегашните три давачки, а тоа се: комуналниот надомест, данок на куќи за одмор и споменична рента. Сите три решенија за наплата на овие даноци сега се прават на едно решение, што е добро – вели Турк.
Во исто време, како реакција на незадоволните граѓани, Иван Велибор Синчиќ, пратеник во хрватското собрание и претседател на партијата Жив ѕид, за телевизијата Н1 телевизија, изјави дека тие продолжуваат со активностите за организирање референдум против спроведувањето на новиот данок.
– Не треба да се верува на изјавите на премиерот Пленковиќ и на неговата администрација. Така беше и со воведувањето на Законот за концесии. Овие благи најави за одложување не значат ништо. Премиерот се обидува да го ослаби отпорот на незадоволните граѓани и ние не отстапуваме од намерата за референдум – изјави Синчиќ.
Тој ги негираше тврдењата на одделни правни експерти дека Уставот на Хрватска не предвидува можност за одржување референдум за закони од фискален карактер.
– Како некој може да вели дека нешто е неуставно кога не знае како ќе биде формулирано референдумското прашање. Јас побарав мислење од експерти и сите тврдат дека сѐ зависи од поставеното прашање. Сѐ е направено набрзина, и тоа цела даночна реформа. Земјишните книги не се средени, општините имаат проблеми со наплатата на комуналната такса. На референдумот секој има право на еден глас и може да одлучи дали сака нови даноци – изјави Синчиќ, за телевизијата Н1.
Извор: Нова Македонија