Граѓаните во иднина нема да мораат да поднесуваат годишна даночна пријава
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Денеска истекува рокот до кога граѓаните може да поднесат годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2016 година. Во Управата за јавни приходи очекуваат да бидат поднесени околу 420.000 пријави, а од нив по електронски пат околу 2.000.
Мухедин Авдиќ, раководител на секторот за услуги во УЈП, информира дека заклучно со завчерашниот ден се поднесени 362.523 годишни даночни пријави и дека до крајот на рокот се очекуваат да бидат поднесени уште 40.000-50.000 пријави. Тој најави дека УЈП работи на нов проект, кој ќе значи дека нема да треба даночните обврзници да поднесуваат ГДП, туку дека ќе се доставува за потврдување или корекција пополнета пријава врз основа на добиените податоци од исплаќачите на приходи во текот на годината.
Инаку, досега најмногу пријави се доставени во Скопје 144.066, Штип 62.786, Прилеп 49.085, Битола 45.701, Струмица 32.868 и во Тетово 27.345 годишни даночни пријави.
– Сите физички лица-резиденти во Република Македонија што во текот на 2016 година оствариле приходи по разни основи имаат обврска да поднесат годишна даночна пријава до 15 март 2017 година. УЈП ги повикува сите даночни обврзници да поднесат ГДП, односно да ги исполнат своите обврска во законски предвидениот рок – истакна Авдиќ.
За да им излезат во пресрет на граѓаните и да не се создаваат турканици пред шалтерите, Авдиќ информира дека денеска шалтерите на УЈП ќе работат за прием на ГДП до 20 часот. УЈП за поднесување ГДП отвори и дополнителна канцеларија сместена во зградата на ССМ, а ГДП во Скопје може да се поднесе и во општината Чаир и во Регионалната дирекција – Скопје. Во Регионалната дирекција – Скопје, пак, може да поднесат ГДП и даночни обврзници што привремено престојуваат во Скопје.
Извор:Нова Македонија