Граѓанска одговорност за навреда и клевета | Правдико

Правдико

   

Граѓанска одговорност за навреда и клевета

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

n_10113_1Со декриминализацијата на навредата и клеветата во 2012 година беше донесен Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Со овој закон се уредува граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице со навреда и клевета. Како едно од основните начела на кои се потпира овој закон е гаранцијата на слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество.

Согласно член 10 од Европската конвенција за човекови права,, секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа”. Ограничувањето на слободата и информирањето согласно законот се уредуваат со определување на стриктни услови за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (член 10) и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Кој одговара за навреда?

За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Одговорност за навреда постои и ако со такво дејствие се омаловажува угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Доколку навредата е сторена преку средство за јавно информирање, можат да одговараат авторoт на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице.

Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и надоместување на штета за навреда. Како исклучок новинарот, како автор на изјавата, нема да одговара за навреда ако докаже дека објавувањето на навредливата изјава му било наложено од страна на уредникот или лицето кое го заменува, или содржината на неговата изјава е битно изменета од страна на уредникот или лицето кое го заменува

Нема одговорност за навреда, ако:

1) изјавата е дадена во работата на Собранието на Република Македонија, во работата на советите на општините и градот Скопје, во управна или судска постапка или пред Народниот правобранител, освен ако тужителот докаже дека е дадена злонамерно;

2) е пренесено мислење содржано во службен документ на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на управата, судовите или други државни органи, соопштение или други документи на меѓународни организации или конференции, соопштение или друг документ за информирање на јавноста издадени од надлежни државни органи, установи или други правни лица, соопштение или друг службен документ од истраги за сторени кривични дела или прекршоци и

3) во изјавата се пренесени мислења изнесени на јавен собир, во судска постапка или друга јавна манифестација на активноста на државни органи, установи, здруженија или правни лица или се известува за изјава што е јавно соопштена од друг.

Исто така не е одговорен за навреда тој што во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, ќе изнесе понижувачко мислење за друг, ако:

1) од начинот на изразувањето или од другите негови околности произлегува дека тоа нема значење на навреда;

2) не предизвикало значителна повреда на честа и угледот на личноста и

3) не е изнесено исклучиво со цел да се понижи личноста на друг или да се омаловажи неговата чест и углед.

Не е одговорен за навреда тој што ќе изнесе понижувачко мислење за носител на јавна функција во јавен интерес, ако докаже дека тоа е засновано врз вистинити факти, или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти, или ако изјавата содржи оправдана критика или поттикнува расправа од јавен интерес или е дадена во согласност со професионалните стандарди и етика на новинарската професија. Исто така не одговара за навреда тој што изнесува негативно мислење за друг со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење.

Кој одговара за клевета?

За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Исто така одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Ако изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку средство за јавно информирање , за клевета можат да одговараат авторoт на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице.

Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата од овој став ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и надоместување на штета за клевета. Новинарот како автор на изјавата не одговара за клевета, ако докаже дека нејзиното објавување му е наложено од страна на издавачот, уредникот или лицето кое го заменува или содржината на неговата изјава е битно изменета од страна на уредникот или лицето кое го заменува. Исто така Новинарот како автор на изјавата не одговара ако таа добила карактер на клевета со нејзиното опремување со ставање на наслови, поднаслови, фотографии, извлекување на делови од изјавата на нејзината целовитост, најави или на друг начин од страна на уредникот или лицето кое го заменува.

Товарот на докажување на вистинитоста на фактите содржани во тврдењето паѓа на тужениот, така што тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета. По исклучок товарот на докажување паѓа врз тужителот кој како носител на јавна функција има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување на тврдење што е од јавен интерес.

Исклучување на одговорност

Исклучена е одговорноста за тврдење на факти штетни за честа и угледот на друг што е дадено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, ако:

1) се изнесува или пронесува тврдење што е содржано во соопштение, одлука или друг документ на државен орган, установа или правно лице, или е изнесено на јавен собир, во судска постапка, или друга јавна манифестација на активноста на државни органи, установи, здруженија или правни лица или се пронесува тврдење што е јавно соопштено од друг;

2) на лицето кое го изнесува или пронесува таквото тврдење му е оневозможено остварувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер спротивно на прописите за слободен пристап до информации, на кое се повикува во својата одбрана;

3) невистинитите факти, содржани во тврдењето, имаат споредно значење во однос на вистинитите факти на кои се однесува тврдењето и битно не ја менуваат неговата целовита смисла на вистинито тврдење или

4) во средство за јавно информирање се изнесуваат факти кои се однесуваат на прашања од јавен интерес со повикување на сериозни извори на сознанија за нивната вистинитост, спрема кои тужениот постапувал со потребната мера на должно внимание во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија. Пред поднесување на тужба за надоместување на штетата, физичкото или правното лице на кое му е нанесена штета со навреда или клевета презема мерки за ублажување на штетата, со барање за извинување и јавно повлекување.

Ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување.

Надомест на штета за навреда

Надоместување на нематеријална штета за навреда се досудува само ако сторителот на навредата не се извинил и јавно не ја повлекол навредливата изјава или ако ја повторил навредата по судската одлука со која се забранува такво повторување. Висината на паричното надоместување на штетата треба да биде пропорционална со штетата нанесена на угледот на оштетениот и при нејзиното одредување судот треба да ги земе предвид сите околности на случајот, како и имотната состојба на тужениот. Надоместувањето на докажаната материјална штета може да се состои во парично надоместување на вистинската штета и на изгубената добивка.

Надоместување на штетата за клевета

Надоместувањето треба да биде пропорционално со предизвиканата штета и да ја опфаќа нематеријалната штета нанесена на честа и угледот на оштетениот, како и докажаната материјална штета како вистинска штета и изгубена добивка. Заради намалување на штетата, тужениот може да докажува дека се извинил, понудил извинување или на друг начин направил сериозен обид да ги отстрани штетните последици на клеветата.

Поведување на постапката

Постапката се поведува со тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штета за навреда или клевета, поднесена од оштетеното физичко или правно лице или неговиот законски застапник или старател. Ако е оштетениот дете, овластен за поднесување тужба е неговиот родител или старател. Доколку е навредата или клеветата сторена спрема умрено лице, овластени за поднесување тужба се неговиот брачен другар, децата, родителите, браќата или сестрите, посвоителот, посвоеникот или друго лице со кое умреното лице живеело во заедничко домаќинство, ако со навредата или клеветата е нанесена штета на нивната чест и углед.

Рокот за поднесување на тужба е три месеци од денот кога тужителот дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот кога изјавата е дадена пред трето лица. Со поднесувањето на тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штетата, оштетениот може да поднесе до надлежниот суд барање за одредување на привремена судска мерка што се состои во забрана на натамошно објавување на навредливите или клеветничките изјави.  

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Границите на правото на слобода на изразување

– Последици од лажно пријавување на кривично дело

– За слободата на изразување и слободата на медиумите

– Основните граѓански и политички права и слободи: Анализа на набљудувани судски постапки

Препорачуваме

Партнери на Правдико