Граѓанска тужба за загадувањето од дивата депонија во Струга | Правдико

Правдико

   

Граѓанска тужба за загадувањето од дивата депонија во Струга

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Македонија реткост се граѓанските тужби против државните институции во врска со загадувањето на животната средина. Но, деновиве ваков спор беше отворен пред суд поради штетните ефекти од дивата депонија во Струга. Тужителот бара одговорност од неколку институции.

Граѓанската тужба ја поднесе Македонското здружение на млади правници (МЗМП) пред Основниот суд во Струга, поради долгогодишното загадување од струшката дива депонија. Тужбата е поднесена против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното комунално претпријатие – Струга.

„Правно кажано, со тужбата бараме судот да утврди однос помеѓу штетник и оштетени. Во оваа тужба како тужители се јавуваат Македонското здружение на млади правници и физичко лице, а соработката настана со адвокат од Струга кој долго време ги следи овие состојби и чија активност е во насока на она што здружението континуирано го прави, односно следење на состојбите со животната средина и преземање на правни дејствија за правна заштита на животната средина“, вели за РСЕ Бојан Трпевски од МЗМП.

Вакви случаи речиси и да немало пред судовите во Македонија. Како што вели Трпевски, организацијата од која е тој дел, нема инфомрации дека досега во земјава се одлучувало за слична тужба.

Инаку, граѓаните на Струга долго време се жалат поради загадувањето од струшката дива депонија, која се наоѓа на стотина метри од влезот на градот.

Отапдот во депонијата често пати беше запален, дури и за време на туристичките сезони, а поради чадот и непријатната миризба граѓаните излегуваа на протести и бараа итно затворање и дислокација на отапдот од депонијата што се носи од градот и околните населени места.

Но, проблемот не беше решен и покрај тоа што властите ветуваа дека тоа ќе го направат, велејќи дека за тоа е формирана и работна група. Проблемот со депониите во Охридскиот регион е наведен и во препораките на УНЕСКО за задржување на статусот на свтско природно и културно наследство.

Трпевски објаснува дека македонското законодавство има воспоставено обврски за државните институции во областа за управување со отпадот.

Законот за заштита на животната средина, Законот за управување со отапд и правилникот за условите кои треба да ги исполнуваат депониите, ги определуваат стандардите што треба да ги исполнува една депонија, како местоположбата, заштита на почвата и на водата од загадување, контрола на депонискиот гас и намалување на опасностите кои произлегуваат од самата депонија.

„Во конкретниот случај државните институции не ги преземале активностите кои согласно законите и подзаконските акти требале да ги преземат, поради што отпадот во Струга се одлага на место кое не ги исполнува вака воспоставените критериуми. Тоа доведува до загадување на животната средина и влијае врз здравјето на луѓето“, вели Трпевски.

Отпадот ја загадува почвата под депонијата и во околните земјишта на кои се одгледуваат различни култури, тој ги загадува и подземните води и Охридското Езеро, вели Трпевски кој посочува дека влијанието на депонијата врз здравјето на луѓето е утврдено и во вешт наод и мислење изготвено од страна на вешто лице ангажирано за целите на постапката.

Кој е надлежен?

Побаравме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во врска со отворениот спор и одговорноста што оваа институција ја има во однос на загадувањето од депонија во Струга.

Локалната самоуправа е надлежна за отстранување на дивите депонии, велат од Министерството, посочувајќи дека и покрај тоа на барање на општините секоја година МЖСПП издвојува средства за чистење на диви депонии.

Од институцијата одговорија дека во изминатиов период акцентот бил ставен на воспоставување на регионален систем за управување со отад за секој од планските региони во земјата, бидејќи скоро сите општини покажале „многу ниски“ технички и финансиски капацитети за тоа самостојно да го направат.

Според МЖСПП, членот 144 од Законот за управување со отапд ги обврзал градоначалниците на општините и градоначалникот на Град Скопје во рок од една година по усвојување на законот да ги затворат и рекултивираат сите диви депонии, а општинските инспектори за животна средина според членот 129 требале да вршат увид и контрола дали отпадот е исфрелн, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на законот.

Доколку се утврди непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, овластените инспректори треба да издадат усна наредба за итно отстранување на утврдените недостатоци кои записнички ги констатираат во соработка со Државниот-санитарно здравствен инспекторат. Исто така тие треба да го известат Државниот инспекторат за животна средина и другите надлежни инспектори или државни органи за утврдените неправилности и да побараат нивна интервенција“, велат од МЖСПП.

Обврската за увид и контрола дали отпадот е исфрлен, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на овој закон, генерално е под надлежност на градоначалникот на општините и градоначалникот на Град Скопје, велат од Министерството за животна средина.

За решавањето на проблемот со дивите депонии Владата е посветена да обезбеди средства преку кредити или грантови од ЕУ и други фондови, велат од МЖСПП. Но, какви ќе бидат последиците за државните институции доколку судот одлучи во корист на граѓаните во овој случај?

На ова прашање одговора Бојан Трпевски во анализата на Радио Слободна Европа која во целост ќе ја објавиме в сабота. Во неа, меѓу другото, ќе слушнето и каква е судската пракса во земјава кога станува збор за случаи поврзани со животната средина.

Извор: Радио Слободна Европа

Партнери на Правдико