Грчката трагедија продолжува | Правдико

Правдико

   

Грчката трагедија продолжува

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Блокада, застој, блеф. Како во класична драма, тешко може да се согледа излезот за Грција од должничката криза. Дали воопшто го има? – се прашува Бернд Ригерт.

0,,15823555_303,00

Грција нема да ја напушти еврозоната – и точка! Крај. Оваа реченица ја искажа германскиот канцелар Ангела Меркел на кризниот самит на 19 март годинава. Другите учесници на самитот ова го сфатија како наредба, упатство, а не само како пуста желба. Германија сака Грција да остане во еврото. Не затоа што тамошната влада на леви и десни радикали има некаков убедлив концепт, туку затоа што Европа не може да си дозволи да ја загуби најслабата алка. Со тоа би била загубена веродостојноста на монетарната заедница, би паднал курсот на еврото. Европската интеграција би доживеала тежок удар.

И, во прв ред, вината за катастрофата би и’ била префрлена на Германија, која наводно е економски и политички доминантна во Европа. Од Грците и вака и онака, но и од многу други европски влади и меѓународни набљудувачи на жилавата драма. Меркел тоа би сакала по секоја цена да го избегне. Не смее да има префрлување на вината на Германија – згора на тоа уште и неправедно и неоправдано.

Поради тоа сега продолжува трагедијата на бриселската сцена. Грција се заканува со сопствениот банкрот и приложува незадоволителни листи на предлози за реформи. Евро-земјите ги отфрлаат листите и речиси целосно ја затворија славината за пари, за да го зголемат притисокот врз Грција. Во моментов Атина не може да продава ни краткорочни државни обврзници.

Обете страни се уценуваат меѓу себе, и покрај сите поинакви тврдења. Публиката страда и се ужаснува, како што е и предвидено во вистинска трагедија. Прашање е само кога ќе дојде катарзата, која на публиката, во случајов европските даночни обврзници, ќе и’ донесе спас? На Грција и’ требаат пари и таа се заканува со излегување од еврото како последно средство. На еврозоната и’ е потребна Грција и таа се обидува да ја притиска владата во Атина оставајќи ја да гладува. Последиците непосредно ги трпат самите Грци. Стопанскиот пораст се сведе на нула, приходите од даноци паднаа, заштедите се префрлуваат во странство. Довербата на инвеститорите падна во минус. Колку долго треба да трае ова?

Грчката влада од една страна може свесно веќе да не ги исполнува своите обврски за отплата, со што Грција автоматски би била надвор од еврото. Но, еврозоната нема да дозволи работите да отидат толку далеку, Европската централна банка (ЕЦБ) би можела повторно да стави на располагање малку пари за случај на нужда. Во последна секунда би можел да биде одобрен некој кредит за спас. Должничкиот спор би продолжил и понатаму.

Но, од друга страна Грција би можела да попушти и да ги исполни барањата на кредиторите. Тогаш би имало финансиски излез, но веројатно би биле одбројани деновите на коалиционата влада во Атина, оти таа не би можела да ги одржи претераните предизборни ветувања. Би се заканувале предвремени избори и нов хаос.

Сценаријата за Грција, кои се вратат во Брисел, за жал сите завршуваат како античка трагедија: со пропаст на хероите.

И тоа, во моментов, само заради неколку милијарди, за Грција да се спаси за неколку наредни недели. Вистински крупниот залак ќе дојде в лето. Тогаш мора да биде подготвен трет спасувачки пакет со обем меѓу 20 и 40 милијарди евра. Или можеби и уште малку повеќе, доколку владата во Атина прокоцка уште повеќе од довербата. Значи, овие последни мартовски денови се само прв дел од трагедијата. Вистинскиот грчки фестивал ќе следи в лето.

Освен ако Ангела Меркел не го смени мислењето и дозволи Грција сепак да падне.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико