ГРЕКО со препораки за судството | Правдико

Правдико

   

ГРЕКО со препораки за судството

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ГРЕКО бара од Македонија да го отстрани разрешувањето на судии заради долготрајност на постапките.

7C2C4AA56785F647B08FB949C1DD6562

Македонија треба да ја измени законската одредба од Законот за судови, со која се предвидува основ за разрешување на судии да бидат пресуди за долготрајноста на постапката. Исполнувањето на оваа препорака на ГРЕКО, како и онаа за отстранување на министерот за правда од составот на Судскиот совет, ќе се најде и во извештајот што треба да биде изготвен за земјава до крајот на јуни оваа година.

Претседателот на ГРЕКО, судијата на Врховниот суд на Хрватска, Марин Мрчела, овие информации ги сподели со учесниците на дводневната регионална конференција за борба против корупцијата организирана од Европската комисија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители. Неговото обраќање пред судиите и обвинителите од регионот, го поттикна членот на Судскиот совет на Македонија, Влатко Самарџиски, да каже дека одредбата е престрога и намерно не се применува во праксата.

ГРЕКО е посебно тело на Советот на Европа за борба против корупцијата, појасни Мрчела, кое го сочинуваат 49 членки, од кои 47 се земји-членки на Советот, како и Белорусија и САД. Но, тоа не е политичко тело, туку преку оценувачки кругови врши процена како и колку земјите се справуваат со корупцијата. Државите пополнуваат прашалници, а потоа претставници од ГРЕКО доаѓаат во посета на институциите, по што се изготвуваат извештаи со препораки.

„ГРЕКО не е тело кое прави таблици на успешност, бидејќи не ни е битна перцепцијата, туку реалната состојба и колку таа има простор за поправање“, појаснуваше Мрчела, кој наведе повеќе примери на земји, на кои им се давани различни препораки.

Некои земји добиле препораки да направат истражување за корупцијата во судството, бидејќи постои голема разлика во впечатоците за третата власт и реалните состојби.

Други пак, препораки разрешувањето на претседателите на судовите да биде добро образложено и да се предвиди право на жалба. Или пак, најмалку една половина од членовите на Судскиот совет да бидат судии. Малта, на пример, добила препорака да го подигне нивото на независност и непристрасност на обвинителот, Норвешка да ја зголеми транспарентноста во судството, Ирска и Словенија да направат подобар систем за отстранување на влијанието на двете власти врз судството. Хрватска да ја поправи постапката за избор на претседател на Врховен суд и на јавниот обвинител. Препораките зависат од спецификите на земјата, па така од Луксембург се бара да ги објавува одлуките, Холандија да го отстрани судирот на интерес и да не може судија да биде и член на парламент, Франција да направи подобри критериуми за одликување на судии.

Сепак, најголеми отпори во земјите има околу делот на контролата на политиката и финансирањето на политичките партии. Па така, и од земји како Шведска и Норвешка било побарано законски да ја регулираат оваа сфера, по што Норвешка тоа го направила само за 18 месеци иако имала десетина препораки во овој дел.

Според директорката на Академија на судии и обвинители и македонски претставник во ГРЕКО, Анета Арнаудовска, битно е да се детектираат ризиците за судска корупција, на која се обраќа големо внимание заради штетата што може да ја направи судијата.

Сепак, таа се заложи за цврсти докази и судски пресуди за да може да се зборува за судска корупција, бидејќи се’ друго би било во сферата на шпекулациите. Таа ги потсети судиите дека се јавни личности и оти е многу сменета сликата, но и интересот за нив од пред десет години и сега. „Ние сме предмет на интерес на јавноста, па дури и како се однесуваме во поглед на интернет, што објавуваме и коментираме на Фејсбук“, рече Аранудова.

Оттаму, во повеќе дискусии беше укажано на потребата од постоење на советодавно тело, кое ќе им биде од корист на судиите во нивното однесување како во поглед на конфликт на интереси, така и при примање подароци.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико