Грекзит не би бил евтин за Германија | Правдико

Правдико

   

Грекзит не би бил евтин за Германија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Германските гаранции достигнуваат 87 милијарди евра. Но, банкрот и истапување на Грција од еврозоната и другите големи членки би ги чинело повеќе десетици милијарди евра.

0,,18523908_303,00

Ако Грција не биде во состојба да си ги отплатува долговите, што е се’ поверојатно, тогаш досегашниот ризик со дадените гаранции за Германија и нејзините партнери од еврозоната ќе се претвори во вистинска загуба и товар за националните буџети – но не веднаш. Покрај тоа, се закануваат и губење на довербата во еврото како валута, политичка несигурност и пазарни турбуленции.

Грчката централна банка неодамна објави хорор-сценарио во случај Грција и нејзините кредитори дефинитивно да не успеат да го надминат спорот – а сите знаци водат во таа насока. Тогаш на Грција, според нејзината Централна банка, и’ се заканува социјална катастрофа, испаѓање од еврозоната и на крајот можеби и од ЕУ.

Инсолвентност на Грција во прво време би имала релативно мало влијание врз германската држава. Причината лежи во фактот дека отплатата на европските кредити за Грција исплатени преку фондот за помош ЕФСФ, од кој резултира најбитната сума за која гарантира Германија, во најголем дел ќе се одвива по 2020 година, а и тогаш само постепено.

Германскиот министер за финансии, значи, ќе мора да ги книжи тие пари во буџетот дури по повеќе години и во поединечни чекори. Затоа од министерството во Берлин велат дека штедачите и даночните обврзници не треба да се грижат и не е загрозена ни урамнотеженоста на германскиот буџет.

Колкави се германските гаранции од пакетите за помош?

При платежна неспособност на Грција прво ќе се најдат „в оган“ кредитите од двата пакета за помош, со кој европските партнери и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на владата во Атина и’ префрлија далеку над 200 милијарди евра.

Во рамките на првиот пакет за помош од 2010 година беа упатени 73 милијарди. Германскиот удел во тоа изнесува 15,2 милијарди евра. Во вториот пакет со обем од 163,6 милијарди, лавовски удел од 144,6 милјарди има токму европскиот „чадор за спас“ ЕФСФ. Досега од тој пакет се исплатени 130,9 милијарди. Германските гаранции во него изнесуваат 38,5 милијарди.

Од двата пакета вкупно произлегува сума од 53 милијарди евра за кои Германија даде гаранции. Ако кон ова се додаде и германскиот удел во кредитите што на Грција и’ ги додели ММФ, тогаш сумата е повисока уште за една до две милијарди евра.

Од другите европски земји, според пресметките на институтот Ифо, Франција гарантира со околу 40 милијарди, Италија со 35, Шпанија – која штотуку ја надмина сопствената криза – гарантира со околу 25 милијарди евра.

Ризикот од таргет-побарувањата

Но, има и натамошни финансиски ризици. Така, емисионите банки од евросистемот откупуваа грчки државни обврзници, чија вредност многу би паднала во случај на банкрот на Грција. Кај тие кредити, според пресметки на експерти врз основа на германскиот удел во ЕЦБ (Европската централна банка) ризикот за Германија изнесува околу 4,5 милијарди, на Франција 3,5, на Италија околу три, а на Шпанија 2,2 милијарди евра.

Ханс-Вернер Зин, претседател на институтот Ифо, одамна како ризик укажува и на таканаречените таргет-побарувања: во прекуграничните платежни текови меѓу емисионите банки во еврозоната на Грција и’ беше одобрено пречекорување во билансот на обврските. Од тоа на Германија и’ се заканува гарантирање за натамошни речиси 30 милијарди, на Франција за 20 и само нешто помалку на Италија.

Севкупно, значи, според експертите на Ифо, максималната можна загуба за Германија достигнува 87 милијарди евра, за Франција 66,5, за Италија 58, а за Шпанија околу 40 милијарди евра. За некоја од помалите земји, на пример за Австрија, ризикот достигнува девет милијарди.

Занимливо е дека германската влада не наведува никакви бројки за можната загуба во случај на „грекзит“, за што опозицијата жестоко и’ префрла.

И стопанството има побарувања

Банкрот и испаѓање на Грција од еврозоната би донесло оптоварувања и за германската индустрија, кои, како што вели Улрих Грило, претседател на Здружението на германската индустрија, би можеле да бидат совладани. И барањата на германските банки во однос на грчки банки, претпријатија и државата се прегледни – вкупно 2,4 милијарди евра и се драстично намалени во изминатите години.

Тоа се однесува и на европските банки: „Директните опасности за европските банки, со оглед на околностите, се минимални“, оцени деновиве Андреас Домбрет, член на Управниот одбор на Бундесбанката.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико