Грција и Албанија подготвени да се договорат за поморската граница | Правдико

Правдико

   

Грција и Албанија подготвени да се договорат за поморската граница

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ERLphotoАлбанија и Грција ја сигнализираат својата намера да ја обележат поморската граница во Јонското Море на начин што ќе биде прифатлив за двете земји, по отфрлањето на Уставниот суд на Албанија на спогодбата за демаркација потпишана во 2009 година од страна на министрите за надворешни работи на двете земји.

Албанската влада предводена од социјалистите, која се спротивстави на спогодбата кога беше опозициска партија, вели дека сака да ја придвижи Албанија напред по патот кон интеграцијата во ЕУ и е свесна дека мора да најде заеднички јазик со Грција.

„Сакаме храбро да ги решиме сите прашања, врз основа на легислативите на соодветните земји, воспоставените принципи на меѓународното право и најдобрите практики. Нашата цел е ЕУ“, рече министерот за надворешни работи, Дитмир Бушати.

Грчките власти велат дека се подготвени да ги разгледаат техничките прашања на ниво на технички комисии, како и дека гледаат две опции пред себе.

„Опцијата на меѓународното право и европската практика, а тука е и опцијата на оспорување на меѓународното право и европската практика. Албанија вели дека е земја што е подготвена да пристапи во ЕУ. Ја поддржуваме европската перспектива на Албанија. Сакаме да обезбедиме знаење и помош, но постојат одредени очигледни предуслови“, рече Евангелос Венизелос, министер за надворешни работи на Грција.

Процесот на наоѓање прифатливо решение беше поттикнат од посетата на Венизелос на Тирана во средината на октомври, кога тој се состана со Бушати, премиерот Еди Рама и претседателот Бујар Нишани.

Потоа и грчкиот претседател Каролос Папуљас ја посети Тирана минатиот месец, каде што дискутираше околу ова прашање со Нишани.

„Нашата страна е подготвена да најде заедничко решение со Грците во согласност со меѓународното право и внатрешната легислатива на секоја од државите“, рече Нишани по состанокот.

Експертите велат дека спогодбата е во интерес на двете држави и народи и дека треба да биде договорена од почеток по секоја цена.

„Треба да се постигне нова спогодба со согласност на двете страни и пред да биде потпишана и одобрена од парламентот, треба да се консултира секретаријатот за конвенциите на ОН за морските прашања“, изјави за SETimes Ќазим Тепши, поранешен албански амбасадор во Грција.

Но, некои експерти, исто така, предупредуваат дека спогодбата не треба да се избрзува, и покрај очигледната полза за подобрувањето на билатералните односи и регионалната стабилност.

„Спогодбата бара време и повеќестрана експертиза, па дури и меѓународно разбирање. Со цел ова прашање да биде од корист за сите страни, односно другите држави во Јонското и Средоземното Море, потребни се и консултации со Италија, Турција и САД“, рече за SETimes Лисен Башкурти, директор на Дипломатската академија во Тирана.

Препорачуваме

Партнери на Правдико