Грција: Празна каса и многу оптимизам за брз договор за нова финансиска помош | Правдико

Правдико

   

Грција: Празна каса и многу оптимизам за брз договор за нова финансиска помош

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Грчката влада е оптимист дека е на чекор од решавање на неизвесноста и од постигнување договор со бриселската група за грчкиот заем. На синоќешниот состанок во премиерскиот кабинет, министерот за финансиии и тимот за политички преговори воочиле дека се направени позитивни чекори кои водат напред кон решение во вториот круг од преговорите што почнуваат денеска.

И покрај празната каса, неможноста да се платат пензии и плати, но и долгот кон ММФ доколку европските кредитори не ја префрлат следната рата од грчкиот кредит, владата на Алексис Ципрас не ја губи надежта дека е блиску до компромис со меѓународните партнери. Ципрас се надева на брзо и целосно решение, со кое ќе се договорат сите точки и обврски и следниот чекор за програмата, без да се остави нешто нејасно и отворено, кое би ѝ создало понатамошни проблеми за грчката влада. Првата цел е преговарачкиот тим успешно да го заврши вториот круг преговори од денеска до среда, за да се крене бариерата и да се дозволи исплаќање на новата рата за Атина, па владата да може да ги исплатат финансиите за јавниот сектор и да се плати уредно следната рата од долгот кон ММФ. Според потпаролот на грчката влада, Гаврлис Сакеларидис, доколку случајно не се постигне договор во брзо време и не се добие нова финансиска помош, останатите пари од државната каса ќе се искористат првично за исплаќање плати и пензии, кои на Грција ѝ се поприоритетни од исплаќањето на долгот кон кредиторите.

Грчките медиуми коментираат дека Ципрас се наоѓа во сендвич меѓу барањата на кредиторите и црвените линии кои строго ги има повлечено и поставено неговата влада и СИРИЗА. Според информациите во весникот „То вима“, во редовите на СИРИЗА и владиниот кабинет постојат сомневања дека Ципрас веќе почнува да размислува на иста бранова должина со меѓународните кредитори и би можел да покаже помек став кон барањата на кредиторите, дури и околу црвените линии, што и се бара од ЕУ и од ММФ за да се постигне договор во преговорите во брзо време.

Извор: Мета.мк

Партнери на Правдико