Грција – реформите доцнат, ќе доцни и паричната помош?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Грција бавно ги спроведува ветените реформи, поради што веројатно ќе биде одложена и исплатата на наредната транша од третиот пакет за помош. Владата на премиерот Ципрас ветува подобрувања.
Во третиот пакет за помош на Грција премиерот Алексис Ципрас се обврза да спроведе вкупно 223 мерки за штедење и реформи до 2018. година, кои се наведени подробно и со конкретен временски план. До средината на октомври требаше да се започне реализацијата на 48 од тие мерки, за да можат меѓународните контролори навремено да започнат со проверката на грчките реформски напори и до средината на ноември да им го поднесат извештајот на министрите за финансии од еврозоната. Во противпотег Грција во октомври доби една транша од помошта во износ од две милијарди евра, а во ноември според планот треба да добие уште една милијарда.
Но, како што известува Зиддојче Цајтунг, Грција доцни со реализацијата на обврските и досега се зафатила со само 14 од ветените 48 мерки – за кои се поврзани исплатите на договорената помош.
Извештајот во германскиот весник предизвика противречни реакции во Атина: во вторникот изутрината министерството за финансии уверуваше дека веќе се спроведени 90 проценти од ветените реформи, за неколку часа подоцна да биде речено дека владатаќе поднесе во парламентот закон по итна постапка за сите преостанати мерки за штедење – но беа изземени посебно спорните наложени мерки за штедење. Димитра Када, главен уредник на економскиот портал Capital.gr, вели: „Атина би требала најдоцна в четврток (29.10) да го поднесе навестениот итен закон, оти на тој ден во Брисел ќе се состане работната група на еврозоната за да го оцени досега постигнатиот реформски напредок“. Средбата на таа работна група, закажана за средината на октомври, беше непосредно пред тоа откажана, оти Грција не можеше да прикаже некаков напредок.
Од левиот во десниот џеб
Димитра Када причини за доцнењето прво гледа во компликуваноста на реформите кои тешко можат да се спроведат во брзо темпо, особено затоа што владата на Ципрас е обврзана за кратко време да ги надомести пропустите на сите претходни влади. Понатаму, се’ уште има отворени прашања и жестоки внатрешно-политички реакции на пример во врска со односот спрема дубиозните кредити или за новововедениот данок на промет за приватни училишта и за школи за јазици. Политички експлозив содржи и ветената либерализација на апотекарската професија, како и укинувањето на даночните привилегии за земјоделците. За да ги ублажи реакциите, премиерот Ципрас во предизборната кампања вети дека ќе ги замрзне неомилените принудни мерки за штедење, а за возврат ќе воведе други „мерки со исто дејство“, односно дека ќе донесат исто толку пари во државната каса.
Како ќе изгледаат тие други мерки и како ќе бидат финансирани не сакаше никој да открие во предизборната кампања. Со тоа сега владата има проблем, вели Алексис Папахелас, директор на весникот „Катимерини“ и аналитичар на телевизијата Скај: „Едно е политички да се аргументира, но сосем друго е да се работи со конкретни бројки“. Владата, според него, наидува на жесток отпор при спроведувањето на нејзината политика и поради тоа се обидува да лавира, да воспостави рамнотежа според принципот „од левиот џеб во десниот“. Целото тоа тактизирање понекогаш остава комичен впечаток и во секој случај тоа е објаснение за доцнењето при спроведувањето на ветените реформи, смета Папахелас.
Ципрас агитира за поддршка во странство
Левичарскиот премиер Алексис Ципрас за време на посетата на францускиот претседател Франсоа Оланд на Атина (23.10.2015) ја отвори темата за спорното регулирање на консолидацијата на банкарските кредити и изјави дека нема да ја претвори Грција во „арена на извршување на пресудите“. Оланд, пак, замоли за „флексибилност за Грција“ – на пример кај прашањето за гранична вредност на недвижностите под која должникот би бил заштитен од принудно извршување. Многу работи наведуваат на тоа, дека Атина и во иднина ќе смета на француска поддршка. Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис имаше помалку разбирање за време на посетата на Грција. Тој повика на итност кај реформите, индиректно предупреди да не се посегнува по банкарските влогови и одби еден предлог за реформа на пензискиот системна товар на работодавачите. Леволибералниот „Весник на уредниците“ го нарече Домровскис “летонски емисар на Меркел“.
В четврток во Атина доаѓа германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер. Покрај разговорите со политичкото раководство на земјата, на Штајнмаер ќе му биде доделена титула почесен доктор на универзитетот во Пиреја. Според информациите на атинскиот весник „Та Неа“, неговиот грчки колега по функција Никос Коѕијас во разговорите ќе ја отвори и темата за развојот на настаните во Западен Балкан.
Извор: DW