Грција загрижена за можното раскинување на договорот меѓу Турција и ЕУ за бегалците | Правдико

Правдико

   

Грција загрижена за можното раскинување на договорот меѓу Турција и ЕУ за бегалците

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Грција продолжува да се зголемува загриженоста од можното раскинување на договорот меѓу Европската Унија и Турција за контрола на бегалскиот бран. Грчките власти се исплашени од предупредувањето на првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, дека Турција може да го поништи договорот во секој момент. Дополнителна загриженост предизвикаа и заканите од турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, кој изјави дека доколку ЕУ не овозможи безвизен режим за турските граѓани, Турција ќе се повлече од договорот што го контролира бегалскиот бран кон Грција.

41d29599-ea75-4fee-bc3d-dcb28b61476e

Проценките во Грција се дека во моментов однесувањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е непредвидливо и невозможно е да се оцени која од заканите е само за внатрешна употреба, а која навистина би можела да се примени. Поради ова грчката влада е особено внимателна и со случајот со турските војници што по обидот за пуч во Турција побараа азил во Грција. Нивната процедура се очекува да потрае неколку месеци, со што грчката влада обезбедува време за да види колку Турција е сериозна за враќање на смртната казна за војниците пучисти.

Бројот на бегалци што пристигнуваат на грчките острови се движи од 50 до 100 лица дневно, што иако не е огромна бројка во споредба со 1.000 бегалци дневно колку што пристигнуваа минатата есен и зима, сепак предизвикува загриженост кај грчките власти. Големо изненадување предизвикаа денешните владини извештаи, според кои од вчера до утрово во Грција не пристигнал ниту еден нов бегалец.

Приемните бегалски центри на островите веќе се преполни и немаат доволно капацитети за сите. Според официјалните бројки, на Лезбос, Хиос, Самос, Лерос и на Кос има речиси 10.000 бегалци. На Лезбос има 3.922 бегалци, а кампот има капацитет за 3.500 луѓе. На Хиос има 2.598 бегалци иако во центарот има место само за 1.100 луѓе, а преполн е и центарот на Самос со 1.340 луѓе иако има капацитет за 850 лица.

Во Грција, според официјални државни извори, има 57.115 бегалци.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико