Груевски и Јанакиески не чувствуваат вина за насилствата пред општина Центар | Правдико

Правдико

   

Груевски и Јанакиески не чувствуваат вина за насилствата пред општина Центар

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, кој е првообвинет во предметот „Насилство во Центар“ на денешната главна расправа во Кривичниот суд се изјасни како невин по обвиненијата што против него ги поднесе СЈО.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, исто така, се изјасни за невин, објаснувајќи дека ниту нешто сторил, ниту за нешто се чувствува виновен.

Вина не чувствува ни пратеничката Даниела Рангелова која во време на настаните беше советничка во Општина Центар.

Како виновен се изјасни Томислав Лазаров, тогашен координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар. Рече дека се чувствува виновен и оти од оваа временска дистанца длабоко се кае.

Главната расправа продолжува со изјаснување на другите обвинети. Вкупно во овој случај се обвинети 14 лица.

Претходно адвокатите на обвинетите бараа одложување на главната расправа.  На почетокот на судењето седмообвинетиот Димче Крстев побара одложување на судењето затоа што не се чувствувал добро. Тој утрово беше стражарно приведен затоа што отсуствувал на минатото рочиште.

Судијката Михајлова го ослободи Крстев од денешното судење и на барање на обвинителката Фатиме Фетаи ја издвои постапката за него, со цел денеска да започне главната расправа, по што Крстев си замина од судницата.

На барањето за раздвојување на предметот се противеше одбраната на обвинетите и побара одлагање на судењето.

На денешната главна расправа присуствуваат и Андреј Жерновски и Саша Богдановиќ како оштетени лица во овој случај.

Поранешниот премиер Груевски е обвинет од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Претходното рочиште на 28 септември беше одложено поради отсуство на двајца обвинети.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико