Правдико

   

Хамас уапси 45 израелски „шпиони и соработници“ во Газа поврзани со осуетениот напад на ИДФ

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Десетици Палестинци, за кои се вели дека биле регрутирани од страна на Израел, биле уапсени од раководството на Хамас во Појасот Газа по тајната мисија на ИДФ на територијата во ноември, која доведе до сериозни вооружени престрелки и напнатост, пренесува РТ.

„Безбедносните служби успеаја да уапсат 45 агенти по безбедносниот инцидент источно од Кан Јунис во ноември минатата година и тие се под истрага”, рече портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Хамас, Ијад ал-Бозам, без да посочи дали притворените лица имале каква било директна улога во израелскиот упад во јужниот дел на Појасот Газа на 11 ноември.

Уапсените израелски „агенти“ наводно биле регрутирани од Израел преку телефон и преку социјалните мрежи, често со употреба на уцени.

„Иако Хамас успеа да уапси многу шпиони во текот на годините, Израелците и понатаму ги ангажираат палестинските агенти да им помогнат да извршат злосторства против нашиот народ”, рече портпаролот на Хамас, апелирајќи до оние кои се уценети од ИДФ да се предадат.

Осуетената мисија на ИДФ во Кан Јунис, во која беа убиени командант на Хамас и израелски полковник, првично доведе до престрелка меѓу израелските војници и оперативци на Хамас, но брзо ескалираше во прекугранична битка, оценета како најинтензивна од 2014.

Во својата „одмазда”, Хамас и Движењето на исламистичкиот џихад во Палестина лансираа повеќе од 400 ракети и проектили во јужниот дел на Израел, што го натера ИДФ да реагира со напад врз повеќе од 150 цели во палестинската енклава. Напнатиот дводневен судир доведе до оставка на министерот за одбрана, Авигдор Либерман, кој одби да го прифати договорот за прекин на огнот со посредство на Египет.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико