Хан: Без слободни медиуми не може да се биде дел од ЕУ | Правдико

Правдико

   

Хан: Без слободни медиуми не може да се биде дел од ЕУ

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Слободата на медиумите е особено е важна за проширувањето на Европската унија, изјави денеска еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, додавајќи дека уште треба да се работи на слободата и изразувањето на медиумите во потенцијалните земји членки на ЕУ.

han-2

– Слободата на медиумите е во јадрото на преговорите на ЕУ и сметам дека тоа не може да биде запоставено. Не може да се смета дека има демократија ако новинарите се мета на напади, а напаѓачите не се изведуваат пред лицето на правдата, кога нема транспарентност во однос на сопственоста на медиумите – рече Хан во отворањето на „Спик-ап” („Проговорете“ или „Кренете глас“)  конференција во Брисел за медиумската состојба во земјите од Западниот Балкан и во Турција.

Еврокомесарот Хан истакна дека онлајн медиумите придонесуваат за зголемување на демократијата, но додаде дека треба да се продолжи со градењето на професионални новинарски стандарди за луѓето да имаат можност преку пристап до различни извори на информации да изградат критички став.

Во своето обраќање, Хан рече дека властите на граѓаните мора да им обезбедат јавен сервис кој ќе нуди разновидни информации. Тој исто така истакна дека е недозволиво властите, во спрега со правосудните и безбедносните органи да сеат страв кај новинарите, кое истовремено придонесува за самоцензура.

Слободата на медиумите е една од главните точки од преговорите за членство во ЕУ, рече Хан, додавајќи дека без слобода на изразување не може да се биде дел од Унијата.

Заменик претседателката на Европскиот парламент Улрике Луначек истакна дека во одредени земји, владите не сакаат да бидат мета на критики и медиумите да ја анализираат и критикуваат нивната работа.

– Истражувачкото новинарство е особено важно, посебно кога треба да се испита транспарентноста на јавните набавки на властите и нивната политика – рече Луначек.

Во своето обраќање, таа се осврна на медиумската состојба во Турција и последните инциденти на упад на властите во медиумите. Таа истакна дека извештајот за напредокот на Турција требало да биде објавен пред изборите во земјата, додавајќи дека ЕУ, без разлика што се соочува со голема бегалска криза не смее да ја запостави слободата на медиумите.

Еврокомесарот за човекови права Нилс Мужникс исто така изрази загриженост поради медиумската состојба во Турција.

– Медиумската состојба во Турција се влошува. Новинарите се мета на напади и откази. Слободата на изразување е загрозен, поради што граѓаните се свртуваат кон социјалните медиуми, но власта и нив се обидува да ги стави под контрола – изјави Мужникс, додавајќи дека новинари и граѓани се апсат за објави на Твитер и други социјални медиуми.

Мужникс истакна дека во земјите во регионот недостига транспарентност за сопственоста и начинот на финансирање на медиумите и додаде дека постои политички притисок врз новинарите. Тој, исто така ги повика новинарите да обрнат внимание на говорот кој го користат при известувањето за малцинските групи, како што се Ромите, ЛГБТ зедницата и женските права.

Еврокомесарот за човекови права предупреди дека во Европа и на Западен Балкан се носат закони со кои властите го оправдуваат масовното прислушување, со што се кршат човековите права и слободи. Тој потсети и на случајот со масовното прислушување во Македонија, и ја изрази својата загриженост поради ваква состојба.

Извор: Мета

Партнери на Правдико