Хашкиот суд веќе никого не плаши | Правдико

Правдико

   

Хашкиот суд веќе никого не плаши

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Откако Меѓународниот суд за воени злосторства ја суспендираше истрагата против суданскиот претседател, се поставува прашањето дали судот сосема потфрли? И зошто од ниедна страна нема политичка поддршка во својата работа?

0,,17084932_303,00

 

Кога во 1998. беше усвоен Статутот на Меѓународниот суд за воени злосторства, тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, зборуваше дека се работи за „подарок и надеж за идните генерации“. Меѓународниот кривичен суд требаше да осигура злосторствата сторени за време на војни и граѓански војни да не поминат неказнето. Така, никој веќе не требаше да се чувствува безбеден од раката на правдата – па ни моќните владетели.

Но, 16 години подоцна, оваа надеж се претвори во горко разочарување. Прво, на почетоткот на декември, овој суд во Хаг ја одложи истрагата против претседателот на Кенија, Ухуру Кенијата. Кенија, додуша, официјално соработуваше со трибуналот, но според изјавите на самите иследници, таа всушност ја оневозможувала истрагата.

На крајот на минатата седмица, главната тужителка Фату Бенсуда (на насловната фотографија) објави дека се одложува истрагата за злосторства сторени во Дарфур, против шестмина Суданци, меѓу кои е и претседателот на земјата Омар ал Башир. Бенсуда се жали дека ниту Советот за безбедност, а ни меѓународната заедница не направиле никакви напори за да се уапсат обвинетите. И тоа што изостана политичка поддршка на меѓународната заедница, не им оставила друг избор „освен да ја замрзнат истрагата“, вели таа.

Не е уапсен и покрај потерницата

Стручњаците сметаат дека речиси не постојат шанси одново да се почне со истрагата. Меѓународниот кривичен суд пак, нема сопствени средства со кои ќе овозможи спроведување на истрагата. Тој мора да се потпира на националните влади, обвинетите да ги испорачуваат во Хаг.

Едно од важните средства за притисок се всушност одлуките на Советот за безбедност. Во конкретните случаи на Кенијата и Ал Башир, меѓународната заедница не презеде ништо за да ги натера земјите да соработуваат со Меѓународниот суд за воени злосторства. Ал Башир и покрај потерницата патуваше во бројни земји кои пак, не сметаа за потребно да го уапсат. „Не верувам дека Советот за безбедност кој досега ништо не направи, во иднина било што ќе промени“, смета суданскиот политички аналитичар Магди ал Гизули и додава дека процесот против Ал Башир едноставно ќе пропадне.

Меѓународниот суд за воени злосторства е посебно спорен за шефовите на држави и влади на африканските земји. Сметаат дека е дискриминаторски настроен спрема Африканците. Ал Башир, откако е одложена истрагата против него, се фалеше дека го победил „колонијалистичкиот суд“. А всушност, тоа е „нова катастрофа за глобалниот статус на Меѓународниот кривичен суд“, вели Улрих Делиус од германската невладина организација Друштво за загрозени народи. Делиус во разговор за ДВ бара поддршка и од германската влада, но, „не само зборови и месечен чек“, туку и соодветен политички притисок.

Пред судот само поранешните моќници

Разочарувањето меѓу активистите за човекови права донекаде е разбирливо, иако и тие тешко дека можеа да негуваат надеж. „Самата идеја за создавање на универзален кривичен суд, пропагиран од Кофи Анан, беше наивна од самиот почеток“, вели холандскиот активист за човекови права Хармен ван дер Вилт. Бидејќи, Советот на безбедност не може да ги натера земјите, против своја волја, да соработуваат со судот.

Но, сето ова сепак не значи дека судот ќе пропадне во целост. Неколку случаи од Конго се успешно завршени, меѓу нив и оние против поранешните водачи на паравоените единици и деца-војници, Томас Лубанга и Жермен Катанга. Пред судот е и Лоран Гбагбо, поранешниот претседател на Брегот на Слоновата коска.

Но, овој и слични случаи, според Ван дер Вилт, покажуваат дека пред судот се изведуваат само поранешни моќници. „Сепак, и тие пресуди имаат значење, бидејќи секој шеф на држава мора да се запраша што ќе се случи кога еднаш ќе загуби моќ“, додава тој.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико