Хелсиншки ќе бара помилување од претседателот за бремената жена што заврши в затвор
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Невработената мајка на три деца, Цвета Пешовска, поради неплатена сума за алиментација на нејзините две деца чиј старател е поранешниот сопруг, судот вчера донесе одлука да добие затворска казна од три месеца.
Хелсиншкиот комитет за човекови права, кои застанаа зад Пешовска уште во ноември, 2016 година, кога таа побарала бесплатна правна помош, ќе поднесат молба за помилување до претседателот Ѓорѓе Иванов.
– За жал во моментов се исцрпени сите домашни редовни и вонредни правни лекови и пресудата на Апелациониот суд со која се потврдува пресудата на Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 за отповикување на условната осуда спрема Пешовска и определување на казна затвор е конечна. Она што ни останува на располагање е поднесување молба за помилување до претседателот Ѓорѓе Иванов. Исто така Хелсиншкиот комитет ќе ја разгледа можноста за поднесување апликација до Европскиот суд за човекови права поради повреда на членот 8 (Право на почитување на приватниот и семејниот живот) и членот 14 (Забрана на дискриминација) од Европската конвенција за човекови права – објаснуваат од Хелсиншки комитет.
Пешовска изјавила дека и покрај тоа што уплатила 44 000 денари и уплатницата ја приложила кон жалбата, судот одлучил Пешовска да оди во затвор. Пешовска долго време не била вработена, собрала 31 илјади денари, а жените и самохраните мајки од фејсбук-групата „Една може“ помогнале да се соберат останатите 44 илјади денари.
– Пред речиси два месеца повикав да собереме средства за Цвета чија судбина говори за сериозноста на системското насилство со кое се соочуваат жените во Македонија. Во бракоразводната постапка, таа ги изгубила двете деца, чиј старател е нивниот татко. Цвета е долго време невработена и не била во состојба тој период да ја плаќа алиментацијата. Поради тоа, таа сега се соочува со казна затвор. Оваа жена никогаш не направила ниту едно кривично дело. Таа е жена и мајка, која се бори со сиромаштија и тешкотиите на животот, а не криминалец. Поради тоа се организиравме неколку жени и успеавме да ја собереме потребната сума од 44.000 денари и да ја уплатиме на сметка на таткото. Истото тоа го соопштивме на судот преку жалбата што ни ја спреми Хелсиншкиот комитет. Цвета доби одговор дека жалбата и` е одбиена, ќе мора да оди во затвор и да го остави своето мало дете без мајка – објаснува Ирена Цветковиќ, директорка на коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје.
Пешовска објаснила дека откако се развела со поранешниот сопруг во 2011 година, имала проблеми бидејќи цела година не и` дозволувал да ги види децата. Сега вели дека ги гледа само во сабота од 10 до 19 часот, синот кој има 14 и ќерката 10 години. Во меѓувреме повторно се омажила и од вториот брак има едно дете, а второто е на пат.
Според неа, судот направил груба грешка и се надева дека ќе ја промени одлуката.
Извор: Нова Македонија