Хелсиншки: Месечен извештај за состојбата со човековите права во РМ - мај 2016 | Правдико

Правдико

   

Хелсиншки: Месечен извештај за состојбата со човековите права во РМ – мај 2016

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

helsinksi-komitetМесечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за мај 2016 година ги опфаќа темите: КЗД утврди дискриминација врз слепите лица од страна на банките во РМ; Дискриминација врз основа на пол и политичка припадност; Претседателот Иванов ги повлече аболициите; Протест на осудените лица што издржувааат казна затвор; Престанок на право на социјална помош.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

КЗД УТВРДИ ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ СЛЕПИТЕ ЛИЦА ОД СТРАНА НА БАНКИТЕ ВО РМ

Хелсиншкиот комитет, заедно со членките на Мрежата  за заштита  од дискриминација, Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија  и Националниот  сојуз на цивилни инвалиди  од војната  на Македонија, ја поздравуваат позитивната одлука на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) со која се утврдува директна и продолжена дискриминација врз основа на телесна попреченост врз слепите лица од страна на банките во Република Македонија.

Претставката беше  поднесена  на 24.10.2013 година против сите банки во Република Македонија со цел утврдување  на дискриминација која се врши врз оваа група луѓе. Нееднаквиот третман се однесува на користењето на банкарски услуги и производи за кои е неопходен потпис на корисникот при што банките не го признаваат потписот од слепите лица, не дозволуваат користење на факсимил и ги принудуваат да ополномоштат трето лице кое би потпишувало во нивно име и за нивна сметка. Слепите лица се соочуваат со проблеми и при користењето на електронско банкарство поради внатрешните прописи на банките (употреба на токени, кодови и слични сигурносни  алатки кои слепите лица не се во состојба да ги користат).  Дополнително, банките не обезбедуваат употреба на асистивна технологија, како што е на пример говорниот банкомат, браевиот печатач, софтверските решенија за пристапност до електронски услуги итн.

Од овие причини КЗД препорачува банките да не бараат ополномоштено лице да делува во име на слепите и лицата со оштетен вид и да создадат услови за личен потпис и факсимил. КЗД препорачува секоја банка да направи разумно прилагодување на специфичните потреби на овие лица, како во своите експозитури, така и на интернет. Во однос на контролата на работењето на банките, КЗД дава препорака кон Народната банка на Република Македонија, како одговорна институција за супервизија на работењето на банките, да ја засили контролата во остварувањето на еднаков пристап до услугите и производите на банките од страна на слепите лица и лицата со оштетен вид.

Досега подготвеност за промена на ваквиот нееднаков третман покажа единствено Комерцијална банка АД Скопје,  која ги промени своите внатрешни прописи и овозможи приемот и испраќањето на финансиските средства и користењето на останатите услуги, слепите и лицата со оштетен вид, да го вршат самостојно, директно и со помош од страна на банкарските службеници, без притоа да биде неопходно присуство на полномошник.

За оваа цел, банката обучи вработени лица кои веќе постапуваат во делот на електронското банкарство, отворање на тековни сметки и отворање на сеф.

Исто така, банката досега обучи повеќе слепи и лица со оштетен вид за користење на услугите и производите на електронското банкарство (интернет, еапликации итн.). Банката ја прилагоди и постапката за изнајмување на сеф од страна на слепите и лицата со оштетен вид, на начин што сега истите можат да отворат сеф во присуство на двајца банкарски службеници.

Воедно,  сакаме  да потенцираме  дека КЗД и во овој случај не донесе одлука во законски предвидениот рок од 90 дена, поради што ја повикуваме во иднина да го почитува овој рок и навремено да ги штити правата на граѓаните.

Препорака: Сметаме дека е неопходно останатите банки да ја променат дискриминаторската пракса во најскоро време согласно позитивниот  пример  на Комерцијална  банка, која значително придонесе за надминување на проблемите со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид.

ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА ПОЛ И ПОЛИТИЧКА ПРИПАДНОСТ

До Хелсиншкиот комитет се обрати странка која е во редовен работен однос во Државниот комунален инспекторат, распоредена на работно место советник, на која и престанува работниот однос со ден 30.05.2016 година, а поради навршување на 64 години возраст и најмалку 15 години работен стаж. На 05.01.2016 година согласно член 104 од Законот за работните односи, странката поднела изјава за продолжување на работен однос заведена под број 04-09/1 и побарала да и биде продолжен работниот однос во Државниот комунален инспекторат за наредната година, односно изјавата ја дала во тековната 2016 година за продолжување на работниот однос во наредната 2017 година о дпричина што условите за пензионирање по сила на закон ги исполнува во 2016 година. Согласно оваа изјава Државниот комунален инспекторат донел решение 04-09/2 од 05.01.2016 година со кое на странката и се продолжува работниот однос. Постапувајќи по добиена претставка, Државниот управен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор во Државниот комунален инспекторат по што донел решение со кое го задолжил директорот на Државниот комунален инспекторат да ја преиспита постапката по донесеното решение за продолжување на работниот однос за наредната година. Постапувајќи по решението на Државниот управен инспекторат, директорот на Државниот комунален инспекторат на 26.02.2016 година донел Решение за престанок на работниот однос  на странката по сила на закон. Незадоволна од вака донесеното решение странката го обжалила истото во законски определениот рок. Жалбата на странката била одбиена од второстепениот орган, а нападнатото решение на Државниот комунален инспекторат било потврдено. Незадоволна од вака донесеното второстепено решение странката пуштила тужба до надележен суд, која сеуште не е процесирана и земена во работа.

Законската одреба од членот 104 од Законот за работните односи што се однесува на продолжување на договорот за вработување до 67-годишна возраст(маж), односно 65-годишна возраст(жена) со доброволна писмена изјава која се поднесува еднаш годишно е дискриминаторска. Имено, со оваа законска одредба на мажите им се дава можност што на жените им е ограничена, односно жените не можат да го продолжат догововорот за вработување до 67 години што претставува директна дискриминација и се негира половата еднаквост. Ваквата законска одредба во Законот за работните односи уште повеќе го зголемува јазот на нееднаквост помеѓу мажите и жените, имајќи предвид дека жените работат пократко, што пак резултира со помали пензии и допринесува за стереотипното прикажување на жените како мајки и негувателки, промовирајќи го на тој начин нерамноправното унапредување во кариерата на мажите.

Дополнително странката го извести Комитетот дека директорот на  Државниот комунален инспекторат подолго време одбивал да разговара со неа и односот бил целосно игнорантски во поглед на тоа дека не и задавал работни задачи, што е видно од евиденцијата на архивата. Странката смета дека ваквото постапување од страна на директорот е поради дискриминација врз основа на политичка припадност, што е спротивно на член 3 од Законот за заштита и спречување на дискриминација и од член 9 од Уставот на Република Македонија, со кој се пропишува дека сите граѓани на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената пложба.

Препорака: Хелсиншкиот комитет укажува дека законска одредба од Законот за работните односи  со која само на  мажите им се дава можност да го продолжат догововорот за вработување до 67 години, претставува директна дискриминација врз основа на пол. Хелсиншкиот комитет остро ги осудува мобингот и директната дискриминација извршени од страна на директорот на Државниот комунален инспекторат по однос на возраст и политичка приапдност.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ГИ ПОВЛЕЧЕ АБОЛИЦИИТЕ

На 27.05.2016 Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов донесе одлука за поништување на помилувањата за 22 лица, како што наведе, сите политички експонирани лица. Претседателот Иванов посочи дека сите други лица кои беа помилувани на 12 април, согласно законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Тој истакна дека ваквата одлука ја носи со цел веќе никој да има сомнеж дека ниту еден политичар не е над законот. Ниту пак е недопирлив. Според зборовите на Претседатeлот секој ќе одговара за своите постапки.

На 12 април, Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов објави колективното помилување на 56 осомничени сторители на кривични дела, за кои се поднесени кривични пријави и поведени кривични постапки. За одлуката што ја донесе на 12 април за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка, за поголем број лица, согласно Уставот и Законот за помилување, рече дека како тогаш, така и сега смета оти ја донел исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Претседателот Иванов изјави дека одлуката од 12 април била разбрана како одлука за селективна правда и за заштита на политичарите, за што немал намера. Потенцира дека искрено верувал и сѐ уште верува оти одлуката за помилување била најдобрата можност за излез од политичката криза.

Откако се најде под огромен притисок на домашната и меѓународна јавност Претседателот Иванов на 06 јуни одлучи целосно да ја повлече одлуката за за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка што ја донесе на 12 април.

Препорака: Комитетот ја поздравува оваа одлука на Претседателот Иванов и препорачува во иднина да се воздржи од преземање дејствија и носење одлуки кои ја загрозуваат правната сигурност и владеењето на правото во Република Македонија и претставуваат чин на рушење на правната држава и повреда на меѓународните обврски за заштита на човековите права ратификувани од Република Македонија.

НЕУСПЕШЕН ПРОТЕСТ НА ОСУДЕНИТЕ ЛИЦА ШТО ИЗДРЖУВААТ ЗАТВОРСКА КАЗНА

За 5 мај, дел од осудените лица најавија протести во неколку затвори во државата. Протестите беа најавени во и надвор од затворите, а како учесници требаше да бидат осудените лица што издржуваат затворски казни и нивните семејства и пријатели. Најавените протести не се одржаа, а до Хелсиншкиот комитет се обратија неколку осудени лица кои информираа дека причината за тоа се притисоци од страна на затворските управи, најчесто преку воспитувачите, како и притисоци од страна на помал број на осудени лица кои се привилегирани и имаат влијание како кај затворските управи така и кај другите осудени лица.

Во врска со состојбата во затворите во Република Македонија, би сакале да ве информираме за тековните состојби во македонските казнено-поправни установи и условите за живот во нив. Со состојба од 12 април 2016 година, вкупниот број на лица што се наоѓаат во некоја од тринаесетте затворени установи е 3.446. Од нив, 3.159 се осудени лица што издржуваат затворска казна, а 387 притворени лица. Вкупниот капацитет за осудени лица е 2.026, што значи дека постои пренатрупаност од 156%, односно во просек 156 лица престојуваат во просторни услови за 100 лица. Најалармантна е состојбата во Затворот Струмица каде има капацитет за 62 лица, а престојуваат 150 лица, односно пренатрупаноста изнесува 242%. Пренатрупаност од 200% има во Затворот Тетово, а над 170% има во КПД Идризово и затворите во Штип и Гевгелија. Според Управата за извршување на санкциите бројот на осудени лица што издржуваат затворска казна од 2010 до 2016 година се зголемил за 46%.

Затворите се со суб-стандардни услови за живот. Пренатрупаноста ја загрозува приватноста, го нарушува достоинството на луѓето и резултира со нечовечки и нехумани услови за живот. Механизмите за надзор се нефункционални. Третманот кој лицата го добиваат често е нечовечки што е во спротивност со принципот на апсолутна забрана за тортура. Проектот за Реконструкцијата на пенитенцијарите и воспитните установи требаше да започне во 2011, но до денес освен новоизградениот Затвор Куманово кој не е изграден според стандардите за институција од ваков тип,  не е завршена планираната реконструкцијата на ниту еден друг затвор или воспитен дом. Куќниот ред во затворите се применува премалку или воопшто не се применува. Oсудените лица што се обраќаат до Хелсиншкиот комитет најчесто се жалат на несоодветната здравствена заштита, пренатрупаноста, неефикасноста на правната помош, неспроведување на програмите за ресоцијализација, непостоењето на образовни програми, нехигиената, немањето активности, неможноста да се помине подолго од 1 час на отворено, ограничена кореспонденција итн.

Според Комитетот за превенција од тортура, во некои од затворските соби има наезда од бубачки и разни инсекти, а душеците за спиење се стари и оштетени. Ова меѓународно тело укажува на присуство на голем степен на корупција меѓу затворските служби и затворениците. Комитетот наведува дека во затворот изгледа дека може да се купи сè, од мобилни телефони, дрога, условен отпуст и подобро сместување во затворот. Според Комитетот, опстојува насилството од страна на затворските служби, во форма на шамари, удари, клоци и удари со палка по телото. Насилство се употребува како казна за поседување недозволени предмети, како средство за дисциплина или разрешување на насилство меѓу затворениците. Забележано е и расистичко однесување кон затворениците од Ромска етничка припадност.

Системот на поплаки од осудените лица до директорите на затворите, Управата за извршување на санкциите и судовите е целосно нефункционален. Државната комисија за вршење надзор во казнено-поправните и воспитно-поправните установи предвидена со Законот за извршување на санкциите  е формирана само на хартија  и не функционира. Надзорот од страна на судиите за извршување на санкции е исто така непостоечки. Освен Народниот правобранител, чии укажувања се незадолжителни, не постојат механизми за независна контрола ниту на затворите, ниту на Управата за извршување на санкциите. Управата континуирано ги одбива невладините организации и медиумите да ги посетуваат затворите и да разговараат со осудените лица.

Препорака: Хелсиншкиот комитет го поддржува протестот на осудените лица и апелира активностите предвидени во Проектот за реконструкција на пенитенцијарите установи да се забрзаат. Административниот и судскиот надзор мора да биде зајакнат. Невладините организации и медиумите мора да бидат во можност слободно да ги посетуваат затворите и да известуваат за условите за живот во нив.

ПРЕСТАНОК НА ПРАВОТО НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ

Во мај 2016 година лицето Ж.Д. се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права и побара правна помош . Имено,на 07.07.2012 постапувајки по службена должност Центарот за социјална работа на град Скопје донел решение за престанок на социјална парична помош со кое е констатирано дека престанува правото на социјална помош од 01.06.2012 година во наредните 12 месеци и е констатирана  незаконска исплата од 01.01.2010 до 31.05.2012 година, со образложение дека лицето дал нецелосни и невистинити податоци за материјална состојба и состојба на имотот и имотните права и не пријавил приход остварен од добивки од игри на среќа и други награди во 2010 година, кој што приход според правилникот за начинот и утврдување на состојбата на приходите имотот и имотните права на домачинството воопшто не влегува во категорија на приход. Министерство за труд и социјална политика како второ степенорган кој одлучувал по жалбата да подносителот, донел решение со кое ја одбил жалбата како не основана. Ж.Д. покренал управен спор до Управниот суд донел Пресуда со која судот го поништил решението на Министерство за труд и социјална политика и предметот го вратил на повторно одлучување и укажал на незаконитоста на решението. Вишиот управен суд кој одлучувал по жалба на Државното правобранителство на РМ на подрачје на Скопје ја потврдил Пресудата на Управниот суд и дал насоки за постапување на првостепениот орган по пресудите на Вишиот управен суд и Управниот Суд. На 09.12.2014 година Центарот за социјални политика повторно носи Решение и не се води од насоките укажани во Пресудите на Управен суд и Виш Управен Суд.Незадоволен од одлуката на првостепениот орган лицето го обжалил решението, а Министерство за труд и социјална политика ја одбива жалбата како не основана. Незадоволен од Решението на 04.12.2015 година лицето поднело тужба до Управен Суд, тужбата била уважена и предметот повторно вратен на повторно одлучување. Во 15.04.2016 година првостепениот орган повторно по трет пат носи исто решение, кое повторно од страна на лицето е обжалено.

Препорака: Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за непрофесионалното  однесување на Центарот за социјална работа, особено кога истите треба да имаат во предвид дека на лицето е материјално необезбедено и му била прекината парична помош која е добиена за остварување на основните егзистенционални потреби на лицето и неговото семејство. Центарот за социјални работи и Министерството за труд и социјална политика  во ниту едно свое Решение не се воделе од насоките на Управниот и Вишиот управен суд и понатаму ја одолговлекуваат постапката.  Хелсиншкиот комитет препорачува државните органи да се водат од начелото на ефикасност и утврдување на материјалана вистина како и да постапуваат по  напатствијата на Управниот суд и Вишиот Управен суд.

Препорачуваме

Партнери на Правдико