Хелсиншкиот комитет: Итно да се создадат услови за образование и на децата со попреченост | Правдико

Правдико

   

Хелсиншкиот комитет: Итно да се создадат услови за образование и на децата со попреченост

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Надлежните мора итно да создадат услови за образование на децата со попреченост, порачаа од Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде што укажуваат дека уште со почетокот на пандемијата на Ковид-19 децата со посебни образовни потреби, а особено децата со попреченост, се соочиле со многубројни предизвици во образовниот процес.

Онлајн-платформите за учење на далечина во нашата земја, кои го заменија редовното образование, ги исклучуваа повеќето од децата со попреченост. Организацијата на Обединетите нации укажа на опасноста од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на моментната криза. Се проценува дека децата со попреченост ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостигот од поддршка во домот, непристапноста до интернет, непостоењето пристапен софтвер и наставни материјали.

„Со новиот Закон за основното образование, кој беше донесен пред една година и почна со примена во учебната 2019/2020 година, основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното образование. Меѓутоа, новата учебна година почнува за две седмици, а сè уште не се донесени сите подзаконски акти што требаше да обезбедат соодветна имплементација на законот и инклузија на децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект. Дополнително, состојбата на пандемија само ги потенцира многуте недостатоци во имплементацијата на законот за кои во неколку наврати алармира и Хелсиншкиот комитет. Имајќи предвид дека сè уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право што во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од сите оние што имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Оттука додаваат дека според препораките од посебниот извештај на народниот правобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн-настава (далечинско учење) за учениците со попреченост во посебните основни и средни училишта, кој беше објавен на 10 август 2020 година, наставата за ученици со попреченост е најдобро да се изведува со физичко присуство на учениците во училиште под директно водство од страна на наставниците и стручните лица од причина што училиштето располага со потребните наставни, едукативно-дидактички материјали, средства, опрема и технички услови, кои се неопходни за стекнување знаења и вештини кај учениците, како и за нивен целокупен сестран развој.

На прагот на новата учебна година сè уште многу од учениците немаат пристап до интернет и компјутерска опрема, а немаат пристап ниту до соодветни наставни материјали за реализирање онлајн-настава, кои се од особена важност за децата со попреченост. Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до сите релевантни институции при донесувањето на одлуката за изборот на модалитетот на работа на училиштата во новата учебна година да ги земат предвид и потребите на децата со попреченост, односно да обезбедат соодветни услови за нивно непречено вклучување во образовниот процес.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико