Хелсиншкиот комитет поднесе кривична пријава против академик Катица Ќулавкова | Правдико

Правдико

   

Хелсиншкиот комитет поднесе кривична пријава против академик Катица Ќулавкова

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Хелсиншкиот комитет за човекови права констатира дека кризната состојба предизвикана од појавата на коронавирусот деновиве интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи. Како што наведува Комитетот, во првите недели од почетокот на вонредната состојба дискриминаторски изјави биле насочени кон заболените од Ковид-19 преку барања за објавување лични податоци, нарушување на правата на пациентите и слични форми на стигматизација.

„Тензиите предизвикани од рестриктивните мерки постепено се префрлија во сферата на национализмот за што во голема мера придонесува и фактот што се наоѓаме во предизборен период. За жал, сите апели за солидарност и емпатија во услови на непогода, која ги засега сите граѓани, стануваат беспредметни кога на здравствената и економската криза, ќе се надоврзе и криза во меѓуетничките односи“, додава Хелсиншкиот комитет.

За ваквата состојба, според Комитетот, придонесуваат многу фактори: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети, кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка Влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.

Во таа насока, Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи, со која, како што наведува Комитетот, поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници.

„Нејзиниот твит ‘цената на соживотот ја плаќаме со животот’ имплицира дека причината за ширењето на вирусот се меѓуетничките односи, а не на општо распространетото непочитување на мерките.

Имајќи предвид дека во нашата држава доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти, а тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание.

Иако праксата покажува дека Обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, сметаме дека е неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности што влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразатa. Истовремено, апелираме до сите граѓани и општествени фактори да покажат повисока свест и одговорност и да не дозволат ескалација на овие исклучително негативни појави“, се додава во соопштението..

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико