Хрватска: Европски казни за несовесните возачи
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Хрватска до крајот на мај годинава мора да го усогласи законодавството за одвивање на патниот сообраќај, во согласност со директивите на Европската Унија. Измените се во врска со примената на двете директиви што се однесуваат на техничкиот преглед на возилата во приватна сопственост и возилата на правните лица. Исто така, мора да се редефинира и системот за пресметување на негативните бодови за сторени прекршоци во сообраќајот.
Со овие измени се предвидува укинување на нултиот технички преглед при купување ново возило. Сопственикот на новото возило има обврска да изврши технички преглед по истекот на две години. Во делот на негативните бодови е предвидено на возачот што за две години ќе собере 12 негативни бода трајно да му се одземе возачката дозвола, а за нова ќе треба да полага по две години. Досега, за девет негативни бода привремено се одземаше возачката дозвола, а потоа му се враќаше на возачот. Предлагачите на законските измени велат дека овие измени се насочени кон рецидивистите, а се верува дека дисциплинираните возачи никогаш не би собрале 12 негативни бода.
За возачите постари од 65 години се воведува задолжителен лекарски преглед заради продолжување на возачката дозвола, обврска што со постојната законска регулатива не беше предвидена. Се планираат и поостри санкции за возачите што управуваат под дејство на алкохол. Така, лицето што за краток период ќе биде фатено дека трипати управувало возило под дејство на алкохол, без разлика на количеството алкохол во крвта, мора да оди на вонреден лекарски преглед за да се утврди дали е склоно кон овој порок. Досега оваа одредба се однесуваше за оние што биле фатени со 1,5 промил алкохол.
Ќе се воведе и нов поим за млад возач. Во оваа категорија би влегле и оние возачи што немаат стекнато двегодишно возачко искуство, без разлика на возраста. Досега за млади возачи се сметаа лицата до 24 години.
Во сообраќајната полиција се надеваат дека новите измени ќе придонесат за поголема безбедност на хрватските патишта. Позитивно е тоа што во 2016 година имале најмала смртност на патиштата и бројот на загинатите изнесува 307 лица.
Надлежните служби се задоволни од подобрувањето на сообраќајната култура, иако Хрватска има поголем број загинати во споредба со Велика Британија, Германија, Холандија и Белгија.
Сообраќајниот експерт Жељко Марушиќ изјави за „Индекс“ дека овие промени не се доволни и смета тека тие претставуваат погрешен пристап.
– Законската рамка формално е добра, но погрешна е нејзината примена. Треба да се направат две мерки: првата е да се субвенционира возењето со такси за време на викендите, а тоа да чини колку еден билет во трамвај. Втората се однесува на директно поништување на возачката дозвола за тешки сообраќајни прекршоци – вели Марушиќ.
Извор: Нова Македонија